ВМРО-ДПМНЕ до Османи: Прво ставивте нож во македонскиот идентитет, а сега дрско сакате да држите лекции за наводен патриотизам
Бујар Османи, министерот кој го прифати францускиот предлог без да трепне, кој го претвори Министерството за надворешни работи во огранок на бугарското МНР и кој ги жртвуваше македонскиот идентитет, јазик и историја за фотосесија со европски бирократи, сега се јавува со патетични морални лекции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе беше смешно, ако не беше трагично.
Османи зборува за „внатрешна кохезија“ откако со години активно работеше на нејзино разнебитување.
Тој кој не кажа ни збор кога Бугарија бараше да не постоиме како народ.
Тој кој ја потпиша капитулацијата наречена преговарачка рамка, со наведната глава и без консултација со народот.
Тој што направи параван од „европски вредности“ за да протне асимилација под европско знаме.
Ако некој ја злоупотреби политиката за криминали цели тоа беше ДУИ и Османи, кои држеа говори во кои повикуваа на „света борба за двојазичност”, но како безобразен параван за корупција, кражби и ограбување на сите граѓани: и Македонци, и Албанци, и Турци, Роми Срби, Власи, Бошњаци и останати.
Османи денес зборува за „популизам“ откако целата негова кариера е изградена на клиентелизам, поделби и трговија со националните интереси. И ни збор за тоа што токму тој беше прв што прифати Бугарите да бидат ставени во Уставот, без никаква гаранција за македонскиот народ.
Да му појасниме: Македонија не е ничиј туѓ дом, ама не е ни дом на политичари што ја распродаваат.
Граѓаните не ја заборавија шверцерската ноќ на 16 јули.
Не ја заборавија тишината со која дозволи да се гази врз сè македонско.
Не заборавија дека твојата „дипломатија“ заврши со тоа Македонија да не започне ниту еден кластер, ама затоа добивме бугарски клубови и закани за порекнување на нашето постоење.
Затоа, Османи, подобро молчи.
Историјата ќе те памети како министерот кој го прифати условот македонскиот народ да стане „производ на Коминтерната“. А народот ќе ти го врати со истиот јазик кој најдобро го разбираш“, пишува во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа