Холивудски шармер со бунтовно минато: Еден од некогаш најпосакуваните мажи денес изгледа непрепознатливо
Холивудскиот актер за 3 дена ќе го прослави големиот 80-ти роденден, а некогаш еден од најпосакуваните мажи на светот денес е едвај препознатлив.
Ник Нолти е роден во американската Небраска, а се школувал во Ајова. Во средно училиште играл фудбал и го биел глас како еден од подобрите играчи, но бил исфрлен од неколку тимови бидејќи носел алкохол на тренинзите.
Не бил примерен ученик и имал лоши оценки, но од тинејџерските денови имал интерес за глума и се обидел да стане дел во локалниот театар, што на крајот и му успеало.
Нолти ја започнал кариерата како модел, а потоа повторно „запливал“ во актерските води и поради својот шарм и харизма брзо го освоил целиот свет. Во текот на богатата кариера снимил повеќе од 50 филмови и 3 пати бил номиниран за престижната награда Оскар. „The Prince of Tides“, „The Thin Red Line“, „Jefferson in Paris“, „I Love Trouble“, „Affliction“ се само дел од филмовите од богатата кариера на Нолти.
Жените ширум светот копнееја по него, а во младоста беше сметан за секс симбол на Холивуд. Сепак, оттогаш се поминати децении, а Ник повеќе не е она што беше - 80-годишниот актер е едвај препознатлив под долгата брада, а бушавата коса и лежерниот стил го трансформираа во човек кој ретко кој би го препознал на улица „од прва“.
Великанот на американската филмска сцена, освен по актерската кариера, ќе остане запаметен и по турбулентниот приватен живот. Медиумите често го нарекуваа „лошото момче на Холивуд“. Ник се борел со зависности, а зад себе има и бројни пропаднати врски. Имал и проблеми со властите, а во дамнешната 1965 година бил уапсен поради фалсификување на документи. Добил дури 45 години затворска казна, но успеал да се извлече бидејќи пресудата на крајот била отфрлена. Сакал да замине во Виетнам да ја брани американската страна, но поради проблеми со властите не можел да се пријави во војска.
Во септември 2002 година, актерот бил уапсен под сомнеж дека возел во алкохолозирана состојба во Калифорнија, а 3 дена подоцна се пријавил во клиника за одвикнување од алкохол. Добил и условна казна од 3 години, а неколку пати се пријавил и во клиника за одвикнување од опијати.
Пред олтар застанал 4 пати, а има 2 деца. Нолти денес живее мирен живот без пороци и се обидува да остане што подалеку од очите на јавноста. Го поврзуваа и со Карен Еклунд, Дебра Вингер и Вики Луис, но овој актер веќе многу ретко зборува за својот приватен живот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа