Хорор во Мексико: Ја отсекле главата на шефицата на полицијата на автопат
Агенцијата за државна безбедност на социјалните мрежи објави дека тројца полицајци биле убиени за време на должноста во неделата вечерта, пишува „Си-би-ес њуз“.
Мексиканските власти вчера објавија дека една шефица полицајка и нејзините двајца помошници биле убиени при напад на автопат во државата Мичоакан.
Меѓу нив беше и Кристал Гарсија Хуртадо, регионален полициски командант. Локалните медиуми јавија дека напаѓачите ѝ ја отсекле главата.
„Го осудуваме кукавичкото убиство на нашите колеги од полицијата, кои беа брутално нападнати додека ја извршуваа својата должност“, се вели во објавата на социјалните мрежи, во која се идентификувани другите две жртви како Ицел Мадеро Лареа и Давид де Хесус Еспиноза Валдез.
Нападот се случил на автопатот што ги поврзува градовите Пацкуаро и Уруапан. Државното обвинителство на Мичоакан, кое ја води истрагата, веднаш не го коментира инцидентот. Мичоакан има голем проблем со конфликтите меѓу бандите. На почетокот на овој месец тројца земјоделци беа разнесени со бомба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа