Истражување: Пол Рад прв на листата икони на машка убавина

 

 

Нова повеќестрана и поинклузивна форма на мажественост се стреми да ги разбие многуте предрасуди во врска со мажественоста.

Промените полека но сигурно се во тек со индустријата на модата и убавината, поттикнати од иконите кои помагаат во поместување на границите. Ова е случајот на Пол Рад и Хари Стајлс, кои станаа најпопуларни светски икони на машка убавина, поточно,извори на инспирација кога станува збор за нега на машката кожа.

Тие се два мажи со два стила од две генерации, но и двајцата ги одразуваат промените што се случуваат во индустријата за убавина во последно време.

Ова се наодите на истражувањето што го спроведоа експерти за нега на машката кожа од Humanery. Најмалку 100 славни мажи беа проучувани преку анализа на податоци на „Гугл“ за да се утврди кои од нив најмногу влијаат на рутините за машка убавина и кои влегуваат во категоријата ‘скинфлуенсери’ од светска класа.

Пол Рад, моментно најмоќниот инфлуенсер за нега на машката кожа, го глумеше Мајк во серијата „Пријатели“ и многумина често го прашуваат која е тајната на неговиот младешки изглед.

Оние што го паметат од серијата може да забележат дека актерот речиси не се променил во последните 20 години што се однесува до изгледот. Тој неодамна изјави дека изгледа добро бидејќи спие минимум осум часа дневно.

„Луѓето ќе го наместат алармот, ќе спијат четири часа и ќе станат да тренираат. Тие си прават лоша услуга. Ако успеете да спиете осум часа, сте направиле сè“, изјави 53-годишникот кого магазинот „Пипл“ го прогласи за најсекси маж во 2021 година.

Пол е највлијателниот ифлуенсер за нега на кожата или т.н. скинфлуенсер. Неодамна дојде уште една потврда дека тој посветува многу внимание на својот изглед и на здравјето на кожата. Според порталот „Премиум бјути њуз“, е-трговијата на козметички производи за нега на машката кожа Humanery истражувал кој е најголем скинфлуенсер користејќи анализа на податоци на „Гугл“.

Титулата му припадна на Пол Рад, кој следниот месец ќе наполни 54 години.

Покрај него е Хари Стајлс, 29-годишен пејач. Пол, кој е речиси 25 години постар од Хари, ги следи трендовите за нега на кожата. Истражувањето се заснова на медиумски написи, во кои се спомнуваат славни мажи, кои ѝ пркосат на возраста.

Имињата на ваквите личности потоа биле анализирани во планер за клучни зборови на „Гугл“ за да се утврди чие име најмногу се бара со терминот „нега на кожата“. Во изминатата година, заклучно со февруари 2023 година, имало 8.400 пребарувања за нега на кожата на Пол. Хари Стајлс има речиси ист број на пребарувања.

На листата се најдоа и Идрис Елба, Дејвид Бекам, Кристијано Роналдо, Џон Леџенд и Бред Пит, со голема разлика во однос на првите двајца мажи.

Заклучокот од ова истражување е дека возраста не е пресудна бидејќи на листата има мажи од разни генерации.

За потсетување, Пол беше прогласен за најсекси маж во 2021 година од страна на магазинот „Пипл“. Тој самиот беше изненаден од таа титула. „Свесен сум дека кога луѓето ќе слушнат дека ќе ме прогласат за најсекси маж на светот, ќе се изненадат“, изјави Руд за магазинот. „Ова не е лажна понизност. Има толку многу луѓе што треба да го добијат ова пред мене“.

 
16.03.2023 - 22:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега