Измамник падна во рацете на полицијата: Уапсен бугарски државјанин кој ги мамел граѓаните со лажни сообраќајни несреќи
Кумановската полиција и криминалистичката полиција од СВР Скопје уапсија педесет и деветгодишен жител на Бугарија кој е осомничен дека во соработка со други лица извршил измами за наводни сообраќајни несреќи над повеќе лица, соопшти денеска полицијата.
- Вчера во 15:40 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово, во содејство со Оддел за криминалистичка полиција и СВР Скопје го лишиле од слобода П.М.(59) од Република Бугарија. Тој се сомничи дека на територија на Куманово во соработка со повеќе лица извршил измами со наводни сообраќајни незгоди над повеќе лица. П.М. бил приведен во полициска станица и по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава, информираше полицијата.
Од МВР постојано апелираат за претпазливост. Случаите со наводни сообраќајни несреќи се случуваат во одредени периоди. Претходниот период во СВР Куманово беа пријавени четири случаи на измами, а изминатата година два.
- Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат внимателни кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават, апелираа од кумановската полиција.
СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сите сторители на измамите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа