Јавната администрација веќе три дена протестира: Зголемете ни ги платите за 30%
Трет ден по ред вработените во неколку министерства и државни институции излегоа на получасовен протест за 30 отсто поголема плата и потпишување колективни договори со кои ќе се изедначат со колегите во министерствата кои добиваат поголеми плати.
„Денес сме пред Државниот завод за статистика, институција специфична по обемот и делокругот на својата работа, а вработените се со едни од најниските плати во државата. Сакам да ја потсетам Владата дека ова е протест, а не штрајк иако Владата секојдневно го кажува тоа. Штрајк значи неизвршување на работни задачи. Доколку вработените од Државниот завод за статистика не извршат само една работна задача од својот делокруг, а тоа е пресметка и објава на просечна месечна плата на ниво на држава, ќе се доведе во прашање работата на многу институции, а последиците ќе ги трпат граѓаните. Членовите на Синдикатот на УПОЗ се одлучија да го изразат своето незадоволство токму преку одржување на получасовен протест за граѓаните и приватниот сектор да не трпат никакви последици“, рече Деаноски.
Тој нагласи дека проблемот на вработените може да се реши со согласност од Министерството за финансии да ги користат средствата кои ги имаат во буџетот, а по ставот на Владата дека УПОЗ доаѓа на седниците на
Еконосмко-социјалниот совет, Деаноски јавно посочи дека на тие седници се решаваат покрупни прашања како што се општиот колективен договор и минималната плата. Барањата што ги имаат вработените кои сега излегуваат на протести се решаваат со ресорните министри и Министерството за финансии.
Деаноски и денес ја критикуваше Владата за ставовите што ги објавува по секој протест на административците откога вчера повика на дијалог за решавање на проблемот.
„Владата наместо да питува соопштенија и да негира се што ќе кажеме ние, а не е воопшто во право, треба да посвети малку енергија и да најде начин како да го реши овој проблем. Ако Владата сакаше дијалог досега ќе бевме седнати на маса, немаше да бидеме на улица“, рече Деаноски.
Тој веќе три дена, за време на секој протест, кажува дека уште пред усвојување на буџетот за 2025 година ги завршивме сите средби со ресорните министри, добиле поддршка од нив, потоа направиле колективни договори кои не се потпишани иако нема ниту правна ниту уставна пречка за нивно потпишување.
Протестираат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Утре протестот ќе биде пред Министерството за финансии каде што Синдикатот ќе ги каже следните чекори.
Но, освен меѓу административците, протестот потешко минува кај граѓаните. Речи си никој не е согласен да се зголемуваат платите во админситрацијата во време кога приватниот сектор се соочува со сериозен недостаток на кадар. Нејасно е зошто луѓе работат за плати од 24.000 денари кога во приватниот сектор се нудат двојно повисоки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа