Кабинет на Гаши: Никогаш претходно патувањата не биле јавен интерес - дебатата е тривијална

Кабинетот на собранискиот спикер, Африм Гаши се огласи за случајот со косовската свадба. Оттаму велат дека дебатата дали претседателот на Собранието треба да има приватни патувања е тривијална.

-Дебатата дали претседателот треба да има  приватни патувања е тривиална. Во годините по осамостојувањето на нашата земја, вакви прашања никогаш не биле покренати како значајна тема на јавен интерес. Ова е првпат да бидеме сведоци на ваков обид за дискредитација на јавна личност. Претседателот на Собранието заедно со други високи функционери и нивните семејства се под постојан безбедносен надзор. Ова е стандардна процедура, иако признавам дека не секој може да биде целосно задоволен од оваа реалност. Дејствијата на граничната полиција спаѓаат во надлежност на Министерството за внатрешни работи и сите прашања во врска со нивното однесување треба да бидат насочени таму, велат од кабинетот на Гаши, додавајќи дека наскоро ќе биде организиран брифинг на кој детално ќе се зборува за случајот со косовската свадба.

Првиот човек на МВР, Панче Тошковски вчера објави дека патувањето на Гаши било однапред уредно пријавено, но направен бил пропуст на Граничниот премин бидејќи лицата кои ја поминале границата не биле евидентирани во системот.

-Граничниот премин на 18.08.2024г. во период од 18:40 часот до 18:42 часот го поминале шест возила под полициска придружба од кои три полициски и едно ВИП возило. Праксата на работењето на граничниот премин во поглед на преземање на зајакнати мерки и активности за обезбедување на делегација, поради недоволен број на сообраќајни ленти, значи во моментот на поминување на делегацијата со цел обезбедување на простор без други возила, гранични проверки да се вршат со попуштен режим согласно со член 17 од Законот за гранична контрола, како што се одвивало и во овој случај и траело многу кратко време. Со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила утврдено е дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не се евидентирани во системот за контрола на патници и возила. 

Исто така констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила. За утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР, рече Тошковски вчера. 

 

21.08.2024 - 15:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега