Катедралата во Келн останува затворена

 

Поради зголемениот ризик од терористички напади, катедралата во Келн останува затворена за посетители, со исклучок на верниците кои влегуваат во миса, соопшти полицијата. „Влез во катедралата од литургиски причини, како што се присуство на миса или исповед, ќе биде овозможен по полициска контрола. За други видови посети, катедралата останува затворена од безбедносни причини“, се вели во заедничкото соопштение на полицијата и архиепископијата во Келн.

Така, катедралата во Келн, најпосетуваната туристичка локација во Германија, останува затворена помеѓу Божиќ и Нова година кога катедралата обично ја посетуваат над 100.000 туристи. Келнскиот архиепископ Рајнер Марија Воелки се заблагодари на полицијата која, како што рече, се погрижила верниците без страв да го прослават Божиќ во катедралата.

Безбедносните мерки беа воведени минатиот викенд поради сомневања за подготовка на терористички напади со исламистичка позадина на катедралите во Келн и Виена. Во врска со можните напади во Германија, уапсено е лице кое претходно и било познато на полицијата како милитантен исламист.

Министерството за внатрешни работи во Берлин зборува за „моментално зголемената опасност од исламистичкиот тероризам“. Властите, исто така, стравуваат од новогодишни немири како оние минатата година, кога жителите со претежно мигрантско потекло низ Германија користеа пиротехнички средства за да ги нападнат полицајците и пожарникарите.

26.12.2023 - 19:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега