Компанија нуди „лесни пари“: Изгледајте 5 филмови за Хари Потер и ќе ви платиме 1.234 долари

 

Поминаа 20 години од филмот „Harry Potter and the Sorcerer's Stone“, прв дел од серијалот за младиот волшебник, а по повод одбележување на годишнината, компанијата „USDish“ нуди 1.234 долари на личност која ќе изгледа 5 филмови од овој серијал.

Сè што таа личност треба да направи е, по гледањето да ѝ јави на споменатата компанија како нејзиното искуство на гледање на тие филмови се разликува од гледањето додека била млада. Доколку не сте љубител на филмовите за Хари Потер, компанијата ќе ви дозволи да одберете 5 омилени филмови од детството кои повторно би ги изгледале.

„Со оглед на тоа што многу класици добиваат римејк и слават годишнини, бевме љубопитни дали ги имаме истите впечатоци во споредба кога за првпат ги гледавме овие филмови кога бевме млади“, вели претставник на компанијата за порталот „Travel + Leisure“.

Освен парична награда, победникот ќе добие пристап до стриминг платформа за гледање на филмовите, грицки кои биле популарни во периодот во кој растеле како и многу други погодности.

„Вие сте идеален кандидат ако водите детални белешки за тоа како сте се чувствувале додека сте го гледале филмот како дете во однос на гледањето сега како возрасна личност, ако ги споделите носталгичните моменти на социјалните мрежи и секако, ако се забавувате. За уште подобра авантура, поканете ги своите деца (ако ги имате) да ги гледаат со вас вашите омилени 5 филмови“, додаваат од компанијата.

„Ако ја добиете работата, ќе имате 15 дена да ги погледнете сите 5 филмови“, велат од компанијата и напоменуваат дека поголеми шанси да бидат одбрани се оние кои во својата пријава ќе испратат и видео.

За потсетување, специјалот наречен „Harry Potter 20th Anniversary: Return to Hogwarts“ ќе ја има својата премиера на „HBO Max“ на 1-ви јануари 2022 година.

09.12.2021 - 21:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега