Костадиновска-Стојчевска на чествување на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов во седиштето на УНЕСКО во Париз
Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, утре (21 март) ќе започне програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, што е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО.
По тој повод, ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во рамките на посетата е предвидена средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
Славејќи ги творештвото и поезијата на Ацо Шопов, на настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамките на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“, работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов, „Патот по кој чекорам“.
Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното 62. издание на Струшките вечери на поезијата, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.
Настанот е дел од националната програма „2023 – година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа