Ковачевски си даде оставка од СДСМ: „Никој реално не е без одговорност“

Димитар Ковачевски си даде оставка од функцијата претседател на СДСМ. Тој денеска на седница на Извршниот одбор на партијата побарал да биде свикан Конгрес и организирање внатрепартиски избори.

Ова доаѓа по големиот неуспех на парламентарните и претседателските избори на 8 мај. 

-Претседателот Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ којашто ја најави на 8-ми мај, како високо морален чин, и согласно Статутот на партија иницираше свикување Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, велат од СДСМ.

Тој поднел и допис во кој вели дека причините за поразот ја гледа кај целото раководство на партијата.

-На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции. И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност, се вели во дописот кој Ковачевски го испратил до Централниот одбор на партијата.

22.05.2024 - 17:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега