Крадец проголта обетки вредни 770.000 долари
Во неверојатен обид да избегне апсење, крадец од Флорида проголта обетки вредни 770.000 долари, откако се обиде да ги украде од луксузна продавница за накит.
Џаетан Гилдер (32) им се претставил на вработените во специјализираната продавница „Тифани“ како претставник на кошаркар на НБА-кошаркарскиот клуб Орландо меџик, пред да биде одведен во ВИП-соба. Таму му биле покажани неколку парчиња накит од високата класа, се вели во соопштението на полицијата.
Вработените му покажале на наводниот „ВИП-гостин“ пар дијамантски обетки од 4,86 карати, вредни 160.000 долари, обетки од 8,19 карати во вредност од 609.000 долари и прстен од 5,61 карат со дијамант, што се проценува на 587.000 долари, се наведува. Потоа, тој ги грабнал трите парчиња накит, но бегајќи од вработените, го испуштил прстенот, но ги проголтал обетките.
Крадецот подоцна е уапсен и затворен во Округот Вашингтон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа