Лајчак: Босна и Херцеговина не е пример за функционална држава

 

Не треба да бараме воени решенија, туку функционални. Босна и Херцеговина не е модел на државна функционалност. Специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека Босна и Херцеговина не е модел на функционална држава и оти денеска треба да се бараат поинакви решенија за да се забрза европскиот пат на овој регион.

Според него, одлуката за Република Српска била донесена во Дејтон, каде што главната цел била да се запре војната и тоа треба да се почитува.

„Успеавме во тоа, но денес не војуваме. Не треба да бараме воени решенија, туку функционални решенија. Босна и Херцеговина не е модел на државна функционалност. Денес бараме решенија што ќе го забрзаат европскиот пат на овој регион“, рече Лајчак во интервју за Радио-телевизија на Србија и додаде дека тоа е главната разлика, па затоа не треба да се бара инспирација од воените модели.

Тој рече дека се гордее бидејќи БиХ во неговиот мандат го потпишала Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и додаде дека во БиХ континуирано се разговара за јурисдикцијата.

Лајчак во вторникот ја заврши дводневната посета на Белград, каде што разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ и претставниците на опозициските партии во таа земја, а воедно ги заврши подготовките за трилатералната средба во Охрид, која ќе се одржи на 18 март.

„Се залагам дека бараме прифатливо решение за двете страни. Минатото не може да не спречи на нашиот пат кон иднината. Граѓаните на Србија може да веруваат дека нивната европска иднина не е прашање на децении, тоа е прашање на следните неколку години“, рече Лајчак.

Вучиќ од понеделникот разговараше со Лајчак за европскиот предлог за Косово, формирање заедница на српските општини (ЗСО), и другите неопходни чекори за нормализирање на односите меѓу Србите и Албанците, соопштија од кабинетот на Вучиќ.

Потоа Вучиќ рече дека формирањето на ЗСО е предуслов за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и за безбедност и заштита на правата на српскиот народ на Косово.

Лајчак дојде во Белград, по минатонеделната посета на Приштина, како дел од подготовките за претстојната средба на лидерите на двете партии под покровителство на ЕУ во Охрид.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека европскиот функционер му понудил 15 модели за заедница на српските општини, што сега ги разгледуваат неговите советници и одделни министри и од кои ќе земат елементи врз основа на тоа кои малцинствата во Косово ќе бидат третирани на вистински начин.

Приштина ја презеде обврската за формирање на ЗСО во бриселскиот договор под покровителство на ЕУ во 2013 година, но не ја исполни инсистирајќи дека ова тело не може да има извршни овластувања и дека не сака Република Српска на територијата на Косово.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, на 18 март во Охрид ќе се сретне со премиерот на Косово, Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Тие најпрвин треба да остварат одвоени средби по што ќе следува трилатерална средба, која ќе биде фокусирана на финализирање на анексот за имплементација на европскиот договор за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Лајчак пред средбата во Охрид рече дека верува во европскиот пат, европските решенија и дека тоа е негов начин на постапување, а дали е тоа фер, ќе суди историјата.

15.03.2023 - 23:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега