Лапид до Трамп: Не се мешајте во судскиот процес против Нетанјаху

 

Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, денеска го повика американскиот претседател Доналд Трамп да не се меша во судскиот процес против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е обвинет за корупција.

Ова следува откако Трамп вчера го нарече процесот „лов на вештерки“ и побара негово прекинување или помилување на Нетанјаху.

„Судскиот процес против Биби Нетанјаху мора да се прекине или овој голем херој, кој направи многу за својата земја, да биде помилван“, напиша Трамп на својата социјална мрежа  Трут Соушл (Truth Social), додавајќи дека „САД го спасија Израел, а сега ќе го спасат и Биби Нетанјаху“. Тој процесот го нарече „пародија на правдата“. Не е јасно, сепак, на што точно се однесува неговата изјава за „спасување“ на Нетанјаху или какви мерки би можеле да се преземат во врска со судскиот процес.

Лапид, лидер на најголемата опозициска партија „Јеш Атид“ („Има иднина“), ја бранеше независноста на израелските судови. – Му благодариме на претседателот Трамп, но тој не треба да се меша во судски процес на независна држава, изјави Лапид за израелскиот портал Ynet.

Поддршка за оваа позиција дојде и од Симха Ротман, коалициски партнер на Нетанјаху од крајнодесничарската „Религиозна ционистичка партија“, кој исто така го повика Трамп да не се меша.

„Улогата на американскиот претседател не е да интервенира во судските постапки на државата Израел“, напиша Ротман на платформата Икс, додавајќи дека однесувањето на Нетанјаху го нарушува имиџот на Израел, правејќи ја да изгледа како „банана-република“.

Од друга страна, повикот на Трамп за запирање на процесот беше поддржан од сојузници како министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и министерот за надворешни работи Гидеон Саар.

Денеска Нетанјаху побара одложување на сослушувањата во процесот поради „регионални и глобални настани“, повикувајќи се на 12-дневниот конфликт со Иран и тековните борби во Појасот Газа. Неговиот адвокат во молба до судот нагласи дека премиерот мора да го посвети целото свое време на национални, дипломатски и безбедносни прашања.

Судскиот процес против Нетанјаху, прв против актуелен израелски премиер, трае повеќе од пет години. Тој е обвинет за измама, злоупотреба на јавна доверба и корупција во врска со незаконски услуги за телекомуникациската компанија „Безек“ и за примање скапи подароци од богати пријатели. Нетанјаху ги отфрла обвинувањата, тврдејќи дека е жртва на „лов на вештерки“. 

26.06.2025 - 22:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега