Лажни се дојавите за бомби на Скопскиот аеродром и во дел од училиштата
Полицијата заврши со проверките на Скопскиот аеродром и дел од училиштата и утврди дека станува збор за лажни пријави, соопштија од МВР за МИА.
Оттаму посочуваат дека по завршување на проверките ќе информираат и за другите објекти.
Утрово на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и Фудбалската федерација на Македонија, хотел Александар Палас, хотел Мериот, трговски центар Ист Гејт, спортска сала Борис Трајковски и Меѓународен Аеродром Скопје беше упатена закана за поставена експлозивна направа.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Деновиве цел на дојави за бомби, покрај училишта, се и институции, трговски центри и други објекти. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани досега рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочија дека се лажни.
16.12.2022 - 12:16
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа