Лефков: Владата на СДС и ДУИ фрлила 9.5 милиони евра од буџетот на софтвери кои не се користат
Владата на СДС и ДУИ набавувала милионски софтвери кои не се користат, а се платени, рече на прес конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според Извештајот на ДЗР за 2021 година, изготвен во 2023 година се вели дека во деловните книги на Владата евидентирани се софтвери и лиценци во вкупен износ од 576.514.000 денари, од кои дел се набавени и се користат во повеќе институции од јавната администрација. Но, за дел не добиле документација дека истите се користат од страна на Владата или се дадени на користење на други институции. Тоа се 9.5 милиони евра народни пари потрошени за софтвери, од кои според ДЗР дел воопшто и не се пуштени во употреба“, рече Лефков и додаде:
„9.5 милиони евра се пари со кои можеле да се направат 9 градинки, наместо истите да се фрлат за софтвери кои нема да се користат. Со 9.5 милиони евра можело да се набават 200 амбулантни возила или 100 противпожарни возила. Но наместо во неопходни средства и ресурси за државата СДС и ДУИ парите ги фрлале на тендери за софтвери кои никогаш и не профункционирале. Неодговорното однесување веќе е минато и никогаш не смее да се повтори, рече Лефков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа