Левица: ДПМНЕ го сврте грбот на народот

 


Одбивањето на сите предложени амандмани од страна на Левица за Буџетот за 2025 година претставува чин на крајна политичка ароганција и негрижа за приоритетите на граѓаните. Во време на комплексни енергетски, економски и еколошки кризи, кога народот се бори за основна егзистенција, ДПМНЕ одлучи да ги игнорира  решенијата кои беа понудени како дел од овие амандмани, велат од Левица.

„Предлозите на Левица беа суштински – започнување со изградба на повеќе од 30 години најавуваната хидроцентрала „Чебрен“ за енергетска независност, ревитализација на депониите за чиста животна средина, поддршка за земјоделците против монополите кои ги уништуваат нивните животи, изградба на амбуланти, студентски домови, колекторски систем и многу повеќе. Секој проект е директно решение за реалните проблеми со кои се соочува народот.

Овие амандмани не беа само декларативни, туку изразуваа реална грижа за најгорливите проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Наместо конструктивен дијалог, визионерство и поддршка за овие важни иницијативи, ДПМНЕ покажа дека за нив е поважно да блокираат сè што не произлегува од нивната партија – дури и по цена на штета за иднината на земјата.

Одбивањето на овие предлози испраќа јасна порака дека партиските калкулации доминираат над интересите на граѓаните. Наместо да се обединат околу решенија за подобро утре, ДПМНЕ одбра да го сврти грбот кон иднината на сите нас, иако дел од предложените проекти и мерки беа дел и од предизборните ветувања на актуелната власт.

Граѓаните заслужуваат транспарентна, одговорна и проактивна политика која ќе ја стави благосостојбата на народот над теснопартиските интереси.

Во продолжение, таксативно ви ги доставуваме сите предложени амандмани од Левица, одбиени од власта на ДПМНЕ - ЗНАМ - ВРЕДИ:

1.     Почеток на изградба на хидроцентралата Чебрен како енергетски капитален проект;

2.     Изградба на амбуланта во Старо Нагоричане наместо сегашниот руиниран објект;

3.     Соодветно зголемување на средствата за реновирање и опремување на студентските домови;

4.     Кончено решавање на проблемот со депонијата во Кочани - оградување, обезбедување со камери и вработен чувар за заштита, сервис и набавка на нови машини за ЈП Водовод со цел да се третира сметот по современи стандарди;

5.     Воведување на фонд за покривање на трошоците за болничко лекување во странство;

6.     Изградба на државен откупен центарр за ориз во општина Кочани, со цел контрола на откупната цена и обезбедување на фер цена на оризот и оризопроизводителите кои веќе 30 години се жртви на неколкумина моќници и се на раб на егзистенција;

7.     Изградба на државен откупен центар во општина Ресен со цел контрола на откупната цена на јаболката која моментално е диктирана од кванташката мафија;

8.     Изградба на нов заеднички ургентен центар во Комплекс Клиники „Мајка Тереза“, сообраќајно решение и катна гаража, како и зголемување на средствата за довршување на зградата на Клиничката Болница Штип и санација на штетите од стопираната изградба;

9.     Изградба на современ центар за депонирање и рециклирање на отпад во Југозападниот плански регион;

10.  Дислокација на дивата депонија Буково во општина Охрид и преземање мерки за ревитализација на земјиштето;

11.  Дислокација на дивата депонија во Струга на самиот влез на општината и преземање мерки за ревитализација на земјиштето;

12.  Изградба на обиколница во општина Ресен на потегот Битола-Ресен-Охрид;

13.  Изградба на канализациона мрежа во село Другово, општина Кичево;

14.  Отпочнување на проекти за одделување на мешовитата канализација во општина Охрид, во прва фаза, со должина од 10км на фекална и атмосферска канализација;

15.  Прва фаза за изградба на ски-центар и гондола на Пелистер, општина Битола;

16.  Зголемување на средствата за гасификација, бидејќи предвидените се несоодветни;

17.  Активирање на домашните рудни капацитети за јаглен со подземна експлоатација на рудникот Живојно чии количини би овозможиле непречено работење на ТЕЦ Битола;

18.  Зголемување на буџетот за шумарство (бидејќи е значително намален од минатата година), а со цел спречување на понатамошно губење на шумите преку ревитализација на клучните предели на биолошката разновидност и пошумување на опожарените шумски предели;

19.  Поддршка на мали и средни претпријатија со цел нивно закрепнување како столбови на економијата, а согласно улогата што ја имаат во државата како домашни економски субјекти чиј профит останува во Македонија, за разлика од оној на странските инвестиции кој се одлева надвор од нашата економија;

20.  Зголемување на противпожарните капацитети на РМ;

21.  Поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност;

22.  Набавка на самоодни системи со интегрирани метеоролошки станици за заштита од град. Градот како невреме прави огромни материјални штети секоја година на земјоделските посеви и насади при што значителна сума на пари од буџетот се трошат на обештетување на земјоделците. Комисиите за процена на штети постојано даваат препораки за набавка на модерни системи за заштита од град, бидејќи авионското засејување на облаците се покажа како делумно функционално. Набавката на самоодни системи за противградна заштита ќе придонесе за заштита на земјоделското производство, стабилно снабдување со земјоделски производи на пазарот и заштеда на буџетот од исплата на штети;

23.  Изградба на јавна установа за сместување на стари лица во Гевгелија;

24.  Зголемување на износот определен за туѓа нега;

25.  Реконструкција и доизградба на колекторскиот систем на Охридското Езеро до село Радожда, односно целосно затворање на колекторскиот прстен;

26.  Мониторинг и управување со квалитетот на водата и обезбедување на средства за заштита на Дојранското Езеро;

27.  Изградба на државни откупни центри на земјоделски производи кои би содржеле магацински простор и ладилник како капацитети за складирање. Овие центри би биле сместени во неколку големи земјоделски региони во државата и истите би вршеле конкурентен откуп од малите индивидуални земјоделци со што ќе ги заштитат од негативното влијание на т.н. зелена мафија“, стои во соопштението од Левица.

02.12.2024 - 12:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега