Лога: Процесот на екстрадиција на Палевски е во тек и сѐ е како што треба
По сите барања постапуваме веднаш и е одговорено. Процесот на екстрадиција е во тек и сѐ е како што треба, изјави министерот за правда Кренар Лога, во врска со екстрадицијата на првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски, кој е во притвор во Турција.
Во изјава за медиуми по завршувањето на денешниот настан по повод доделување изводи на лица кои не биле досега евидентирани во матичната книга на родените, министерот Лога информираше дека за екстрадицијата нема дополнителни нови информации од она што е досега објавено.
- Досега, освен тоа што е објавено од наша страна, нема дополнително нешто друго. Кога и да имаме благовремено ќе бидете известени, рече министерот.
Од Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда, претходно на брифинг со медиумите, појаснија дека барањето за екстрадиција било изготвено истиот ден откако е добиено официјалното известување од МВР за апсењето на Палевски и дека вчера стигнало известување од Турција дека е примено. Појаснија дека постапката за екстрадиција во ваквите предмети трае неколку месеци, а исклучок се само случаите на скратена постапка кога лицето прифаќа да биде екстрадирано. Брифираа дека е мала можноста за Палевски да побара азил, бидејќи, како што велат од Секторот, барање за азил се поднесува веднаш откако ќе влезете во државата.
По две недели од истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во случајот остануваат шестмина осомничени. Првоосомничениот за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ , Љупчо Палевски - Палчо, во моментов е во притвор во Турција и се чека на неговата екстрадиција.
За истите дела се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа