МАЕИ се повлече од „Алијанса за величествена Албанија“
Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ се повлече од изборната коалиција „Алијаса за величествена Албанија“ предводена од Демократската партија на Сали Бериша.
-Доставивме барање до Централната изборна комисија да не избрише од коалицијата. Тоа од причина што не беше испочитуван договорот наши претставници да бидат на отворените кандидатски листи. Наша цел не е бидеме само декор во некоја коалиција, туку силен политички субјект кој ќе има свој претставник во новиот албански законодавен дом, рече за МИА, Ендрит Фетаху, потпретседател на партијата.
Според него имаат интензивни преговори со друг политички субјект, со кој треба да се обезбеди застапеност на кандидати на МАЕИ во отворените кандидатски листи, но сакаше да открие за кој политички субјект станува збор.
На последните парламентарни избори МАЕИ беше во коалиција со актуелната владејачка Социјалистичката партија на Еди Рама.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа