Масовниот убиец од Србија призна вина, семејствата дојдоа на суд облечени во маици со порака

Обвинетиот за масовно убиство во две села во близина на Белград во мај 2023 година, Урош Блажиќ, денеска на главната расправа пред Вишиот суд во Белград целосно ја призна вината, велејќи дека ги разбира сите наводи во обвинението.

На 4 мај минатата година тогаш 21-годишниот Блажиќ со истрели од автоматско оружје и пиштол уби девет и рани 14 лица во селата Дубона и Мало Орашје на територијата на белградската општина Младеновац. Тој беше уапсен еден ден подоцна и оттогаш е во притвор.

Блажиќ претходно, на прелиминарното рочиште на 26 јули, кое беше затворено за јавноста, „речиси целосно ја призна вината“, велејќи дека „не знае што го опседнало за да изврши такво кривично дело“, потврдија тогаш неговите полномошници за српските медиуми.

Таткото на Блажиќ, Р.Б., кој во овој случај беше обвинет за недозволено поседување оружје, муниција и експлозивни материи, ја негираше вината, тврдејќи дека не знаел од каде го набавил неговиот син оружјето со кое го извршил масакрот.

На денешното рочиште неговиот син се обиде да го заштити од одговорност за неговото дело.

„Ќе одговорам само на прашањата на мојот адвокат. Мислам дека е срамота да се навратам на тие детали, одземањето млади животи… Можам да кажам за себе – јас сум виновен и подготвен сум да одговорам. Но, јас не сум за тоа невин човек да одговара само затоа што е мој татко“, рече Блажиќ, според извештајот на белградските медиуми по судењето. Тој изјави и дека е „свесен“ дека се што ќе изјавува пред судот „ќе предизвика уште поголем гнев“.

„Ја завршив кариерата, но нема потреба татко ми да страда за тоа што го направив…. Виновен сум и подготвен сум да прифатам секаква казна“, изјави Блажиќ на рочиштето во Вишиот суд во Белград.

И синот и таткото изразија сочувство до семејствата на жртвите.

Со оглед на тоа што Урош Блажиќ во времето кога го извршил делото сè уште немал 21 година, максималната казна што може да му биде изречена е 20 години затвор. Денешното судење го организираше локалниот суд во Смедерево, од безбедносни причини, во зградата на Специјалниот суд во Белград.

Семејствата на загинатите изутрината почнаа да пристигнуваат пред зградата на Специјалниот суд. Биле видени како носат идентични маици со слики од жртвите и порака „Живеете“ и датумот на масакрот.

Судницата на Специјалниот суд во Белград, каде што се одвива судењето, е најголемата судница и е поделена на три дела. Во првиот дел седат судијата, обвинителите, адвокатите и семејствата на жртвите. Од Блажиќ беа одвоени со решетки и стакло. Третиот дел од судницата е наменет за публиката, а медиумите ќе го следат судењето од целосно посебен медиумски центар, преку видео пренос.

Како што објави српски Блиц, родителите биле видно потресени. Некои во очај се фрлале на стаклото, а некои викале.

 
21.08.2024 - 14:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега