Мазнева: Потребна ни е комунална полиција во Скопје
Спроведување еко-предавања и работилници во основните и средните училишта, акција за генерално чистење на централното градско подрачје и активности за чистење на спомен-обележјата во Градскиот парк, се дел од активностите кои презеде ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во изминатиот период.
Директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева денеска на прес-конференцијата преставувајќи ги реализираните активности, истакна дека во текот на изминатиот месец се извршени засилени контроли на територијата на Скопје, при што биле констатирани бројни прекршувања на Законот за јавна чистота преку одлагање отпад на јавни површини од страна на физички лица и правни субјекти.
Мазнева истакна дека е неопходно постоење на комунална полиција и оти до Градот Скопје ќе достават иницијатива за нејзино формирање.
– Апсолутно дека ќе се преземат и понатаму ќе преземаме мерки во овој дел. Го изразувам моето најдлабоко жалење што ние како „Комунална хигиена“ едноставно немаме можност да казнуваме. Во голем број земји во регионот, кои што се во нашето најблиско соседство, постои нешто што се нарекува комунална полиција и тоа е регулирано согласно закон. Ние со нашите служби во претпријатието постојано разговараме на оваа тема и ќе преземеме иницијатива која што ќе ја пратиме до Градот Скопје за да може да се стори нешто во овој дел, па и ние како останатите земји во регионот да имаме комунална полиција, најави Мазнева.
Таа нагласи дека граѓаните мора да бидат свесни оти несовесното постапување со отпадот резултира со создавање диви депонии, директно ја загадува животната околина и го загрозува јавното здравје.
– ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје нема ингеренции да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота. Но, она што е во наша надлежност е граѓаните да ги информираме и да ги едуцираме како правилно да постапуваат со својот отпад и на тој начин самите да придонесат за заштита на животната средина, рече Мазнева.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа