Мицкоски: Лично сметам дека минималната плата треба да биде 1000 евра
„Ставот наш околу минималната плата е многу јасен и не се темели на никакви импровизации. Ние моравме како Влада, а на предлог на министерството за економија и труд да донесеме минимална вредност на минималната плата, по закон. И врз основа на тој закон луѓето од министерствата ја пресметаа и таа се усвои таква кава што е. Значи моменталната состојба на минималната плата е согласно закон кој што го договорил истиот овој Синдикат кога бил репрезентативен.“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на денешната собраниска седница одговарајќи на пратеничко прашање.
Мицкоски потенцираше дека тие како Влада мора да го почитуваат законот.
„Ние мораме како Влада да почитуваме закон и сме го почитувале тој закон и сега дали на некој тоа му се допаѓа во вредност или не му се допаѓа, тоа е друго. Лично јас сметам дека треба да биде и 1000 евра минималната плата, и тоа можеби е малку. Лично сметам дека на тој начин приходите на Буџетот ќе бидат поголеми, но дали тоа бизнисот ќе може да го издржи е прашање кое што треба да го одговорат работодавачите.“, изјави тој и додаде:
„До сега надвор од закон се утврдувала вредноста на минималната плата во рамки на Економско социјалниот совет и дијалогот кој што таму го води Владата, работникот и работодавачот. Сега претставници од страна на работниците немаше бидејќи репрезентативноста на Синдикатот истече. Во меѓувреме министерствата за правда, економија и труд и социјална политика, демографија и млади номинираа свои претставници во комисијата која што треба да определи репрезентативност на синдикатите, таа комисија е комплетна.
За време на состанокот кој што го имавме со синдикатите сите се сложија со еден предлог, а тоа е нивото од 10 проценти кое се утврдува за да се пресмета репрезентативноста од членовите на синдикалната организација да се пушти 5 проценти.
Ние не сме против, ние сме за, и веќе дадов налог да се изготви законски измени со кој што ќе биде на 5 проценти и на тој начин ќе бидат опфатени поголем бројот од синдикатите и ќе бидат дел од Економско социјалниот совет.
Мицкоски посочи дека откако ќе се формира тој економски социјален совет подготвен е веднаш да се свика седница и доколку работодавачите и работниците се усогласат за минималната плата, тој е подготвен да се интервенира во законот.
Откако ќе се формира овој Економско социјален совет ние сме подготвени веднаш да организираме седница и на таа седница да се дискутира за утврдување на минималната плата надвор од законскиот оној кој што е донесен, и подготвени сме веднаш да интервенираме во законот доколку работниците и работодавачите се усогласат, дали тоа ќе биде 25.000, 27.000, 30.000 денари, како ќе се договорат, ние така ќе прифатиме.“, дециден е Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа