Мицкоски: Размислувам за смена на државниот грб

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во централниот дневник на АЛСАТ-М телевизија вели дека размислува за промена на државниот грб, но апсолутно не размислува за промена на македонската химна, ниту пак му доаѓа на памет да влегува во таква дискусија.
„Тој е партиски симбол и на други политички партии, не е само на ВМРО-ДПМНЕ. Таму мојата изјава е резултат на брифинзи кои што излегоа во јавноста во одредени медиуми и претпоставувам дека новинарот кој што мене ми го постави прашањето беше инспириран од тие брифинзи во тие медиуми. И јас дадов одговор внимателен во кој што кажав дека владата во која што беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кој што ја предводеше Никола Груевски имаше договор за да се смени грбот во државата. И тоа беше мојот одговор.“
На прашањето дали има иницијатива за таква промена премиерот Мицкоски рече, ако има ќе знае јавноста, ќе влезе во парламентот. Но, дали размислувам? Да, рече тој и додаде:
„Ценам дека хералдичкиот симбол земскиот лав е симбол на сите оние генерации кои што живееле во овие простори, и тоа не е некоја тајна. “
Во однос на македонската химна, премиер Мицкоски порача дека химната е темелна вредност на една држава, нагласувајќи дека не гледа никаква причина зошто таа би се менувала.
„Химната е темелна вредност на една држава, односно еден од трите суштински атрибути кои што ја дефинираат државноста. А химната претставува историска генеза, химната практично ја прераскажува историјата на создавањето на една држава и нација. И јас тука не гледам никаква причина зошто таа би се менувала или во кој дел таа би се менувала.“, дециден е Мицкоски.
Мицкоски порача дека ниту на памет не му паѓа да дискутира да разговара на тема за менување на македонската химна.
„Апсолутно, таман работа, ниту станува збор таа тема на дискусија, ниту на памет ми паѓа да влегувам во било каква расправа во која ќе се менува текст на химна, која што отсликува историска генеза на создавањето на оваа држава. Кој сум јас или кои сме ние тоа да го правиме.“, порача Мицкоски.
26.02.2025 - 19:57
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа