Мицкоски: Во Македонија никој не е против употребата на албанскиот јазик
Со предлогот што го нудиме за уставните измени, сигурни сме дека ќе ја истрчаме трката до крај. Убеден сум дека тоа е максимумот што во моментот можеме да го направиме, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за косовската RTK телевизија.
Во интервјуто дадено за време на неговата посета на Приштина, Мицкоски вели дека сега е поголем оптимист отколку што бил пред една година и дека тоа е резултат на дипломатската офанзива реализирана во изминатите неколку месеци.
– Полека почнува да се појавува светлината, но тоа е затоа што имавме жестока дипломатска офанзива и нашите позиции буквално сите ги знаат и направивме успех. Сега нашата позиција е дајте да разговараме да најдеме решение и сега почнуваме да бараме решение. Ние во оваа трка направивме многу за да дојдеме на стартната линија и сега, да се изразам спортски, треба да трчаме трка со 110 метри со пречки. И ја гледаме првата пречка. Со оваа уставна измена сме во можност само да ја прескокнеме првата пречка, но никој не ни гарантира дека ќе стигнеме до крајот на целната линија. Ние сме подготвени во Парламентот да ја отпочнеме промената на Уставот и амандманите 37 и 38 и тие ќе станат дел од Уставот. Но со уставниот закон ќе додадеме овие два амандмани да станат ефективни кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува Пристапниот договор во ЕУ. Само на тој начин ние сме сигурни дека ќе ја истрчаме трката до крај, нагласува Мицкоски.
Според Мицкоски, за огромен број земји членки, речиси сите, предлогот што го нуди Владата е разумен и е основа за постигнување на договор.
– За ова не треба ништо парламентите да ратификуваат, за ова треба само да се подаде рака и да се почне процесот. Доволно е толку. Често пати се повикуваат на правилото на еден глас во рамките на ЕУ. Ќе ве потсетам дека за време на декемврискиот самит минатата година кога исто така имаше едно прашање околу кое немаше консензус, правилото на еден глас се претвори во правило – недостасува еден човек. Така што јас разбирам дека има двојни стандарди во светската политика и дека човек треба да се бори, но таа борба барем да биде фер, вели Мицкоски.
Вели подобра опција од Европската унија во моментот нема и дека она што како држава го очекуваме е да си го исполнат дадениот збор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа