Мицкоски за тоа дали ќе има ревизија за Бадентеровото мнозинство: Тоа правило е дел од Рамковниот договор и е завршена тема

 

 

Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој пак е дел од Уставот, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали како Влада размислуваат за ревизија на ова прашање, откако претходно министерот за правда Игор Филков во интервју рече оти можеби е дојдено време да се размисли за потребата од ревидирање на Бадентеровото мнозинство.

Мицкоски вели дека Рамковниот договор е исполнет во целост и оти тоа е завршена тема, а она што претставувало суштински и институционален проблем, алатката балансер која беше укината од страна на Уставниот суд, сега би требало да се реши со Закон за правична застапеност во кој покрај етничката, ќе има и компонента која ќе оценува согласно квалитетите и компетенциите на кандидатите за вработување.

„Тој е моментално во Венецијанската комисија од каде се чека мислење, така што очекувам кога ќе го добиеме тоа мислење Законот да го ставиме на гласање“, рече Мицкоски.

Претходно денеска, портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми на прес-конференција рече оти ваквите идеи за ревизија се опасни оти така се заоструваат и нарушуваат меѓуетничките односи и оти јавноста е сведок како оваа влада од почеток има агенда системски да го нападне Охридскиот мировен договор, што се покажало со конкретни дела како укинување на балансерот, непочитувањето на правичната застапеност и непочитувањето на албанскиот јазик и Законот за албански јазик.

Филков во интервју за Фокус направено пред гласањето во саботата во Собранието, кога не беа изгласани измените во Изборниот законик поради немање на Бадентер, а објавено денеска, меѓудругото рече дека се надева дека Собранието ќе ја заврши домашната задачи и нема да дозволи правен вакум, но доколку тоа не се случи, значи дека употребата на Бадентеровото мнозинство се злоупотребува и ако е така, тогаш можеби е дојдено време да се размисли за потребата тоа да се ревидира бидејќи Македонија мора да оди напред.

Синоќа, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), поранешен шеф на дипломатијата и актуелен кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, реагираше на овој наслов на неделникот на социјалните мрежи, велејќи дека со ова се потврдува дека планот за демонтирање на Охридскиот договор се реализира чекор по чекор. 

21.08.2025 - 13:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега