Мисајловски од Брисел: Единството на Алијансата е на највисоко ниво

 

 

Денеска (5 јуни 2025), во седиштето на НАТО во Брисел, министерот Владо Мисајловски заедно со министрите за одбрана на сојузничките земји учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО.

 

„Единството на Алијансата е на највисоко ниво. Ја потврдивме нашата заедничка заложба за одвраќање и одбрана на целата територија на НАТО“, рече министерот и додаде дека Алијансата е обединета по трите нејзини основни задачи – одбрана и одвраќање, колективна безбедност и менаџирање на кризни состојби.

 

Мисајловски порача дека на состаноците се отворило прашањето за инвестициите во одбраната наменети за одбранбени и цивилни капацитети кои ќе ја зајакнат безбедноста и сигурноста, но и општествената отпорност.

 

„Иако одбраната е клучната задача на Армијата и Министерството за одбрана, потребно е целокупното општество да се вклучи во зголемувањето на нашата отпорност, заштитата на мирот, стабилноста и безбедноста на секој поединец“, подвлече тој.

 

Министерот на состанокот даде целосна поддршка на напорите за зајакнување на Алијансата и ја потврди посветеноста на земјата кон колективната безбедност.

 

Во попладневните часови се одржа и состанокот на Советот НАТО – Украина, на кој земјите-членки на НАТО ја потврдија определбата за континуирана, долгорочна поддршка за Украина. На оваа сесија учествуваше и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.  Министерот Мисајловски учествуваше и на состанок на Групата за нуклеарно планирање на НАТО.

 

Овој состанок е последна подготовка пред Самитот на НАТО во Хаг, што ќе се одржи на 24 и 25 јуни 2025 година.

05.06.2025 - 17:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега