Млада докторка донира матични клетки за пациент со тешка малигна хематолошка болест
Денеска, на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје се реализира несекојдневен чин на храброст и човекољубие кога млад семеен лекар донира хематопоетски матични клетки. со што ќе спаси живот на пациент што се соочува со тешка малигна хематолошка болест, а трансплантацијата на матичните клетки е единствената терапевтска опција.
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, ја посети донорката на матични клетки, млада девојка, воедно и докторка, на која ѝ се заблагодари на извонредна храброст и несебична посветеност да спаси туѓ живот.
„Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж потсетувајќи нè на моќта на заедницата и љубезноста во моментите кога тоа е најпотребно. Им честитам и на колегите од Клиниката за хематологија, кои ја практикуваат оваа современа метода во медицината, со која еден човек има шанса за нов почеток“, изјави министерот Меџити.
Директорката на Клиниката за хематологија изјави дека станува збор за редок пример, донорот на матични клетки и пациентот што треба да ги прими да не се во роднинска врска, ниту да се познаваат, а нивните клетки да се совпаѓаат.
„Денешниот чин на докторката е уште еден чекор до задоволството да се биде лекар и да се спасуваат животите на луѓето. Младата докторка, која е донор на матичните клетки, во Македонскиот регистар на доброволните дарители на коскена срцевина при Институтот за имунологија и хумана генетика се пријавила уште кога била студент на медицина, а минатиот месец беше идентификувана како евентуален донор. Не се двоумеше ниту миг, веднаш се согласи да му даде шанса за живот на пациент што не го познава, а боледува од акутна леукемија“, изјави д-р Ирина Пановска-Ставридис.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа