МОН упатува смирувачки тонови: Учениците ќе имаат учебници на 1. септември

 

Министерството за образование информира дека сите учебници, кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници, се испечатени и интезивирана е испораката до училиштата.

„Во согласност со акцискиот план, целосно завршена е испораката во Југоисточниот Регион, а во моментот учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата. Процесот на испорака на сите учебници што се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение, кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Оние што се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на септември, односно веднаш штом ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците, кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието, во чија и сопственост се тие“, велат од МОН.

Оттаму уверуваат дека задолжените оператори за испорака на учебниците се максимално ефикасни.

„Во координација со училишните служби работеа и за време на викендите, а ќе работат и во претстојниот викенд. Интересот на учениците е заеднички фокус на сите нас. Упатуваме апел до јавноста да ги следи информациите што ги објавува МОН наместо информациите што ги пласираат други страни, меѓу кои често и докажани центри за ширење шпекулации“, дополнуваат од МОН.

Инаку, претходно денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение до медиумите, реагираа дека ова ќе биде уште еден почеток на годината без учебници за учениците.

 „Власта на ДУИ и СДС е неспремна да организира образовен процес. За што се издвојуваат милиони евра од буџетот за учебници, кога учениците ги добиваат на средина на учебната година? Заради неспособноста на власта од буџетот се издвојуваат неколкукратно пари еднаш за скрипти или скенирани учебници, втор пат за печатење.Власта е неспособна да го менаџира образованието, од ден во ден се повеќе тоне. Потребни се промени. Потребни се избори“, се вели во реакцијата на најголемата опозициска партија.

29.08.2023 - 15:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега