МОН уверува дека учебниците за шесто одделение ќе бидат дистрибуирани следната недела
Амин добиле учебниците по природни науки, македонски и албански, за шесто одделение потврдија од Министерството за образование и наука. Оттаму уверуваат дека нивната дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Помина септември, па целата надеж се вперува во месец октомври, каде учениците и родителите трпеливо ги очекуваат учебниците по макетематика. Од МОН велат дека и овој учебник е одобрен, и дека по завршување на сите постапки, ќе можел да се печати и испорача.
„Информираме дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои пак, се во сопственост на издавачки куќи. За шесто одделение, одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача“, соопштија од МОН.
Од ресорното министерство си се пофалија дека целиот процес за обезбедување на учебници за учениците од основните и средните училишта како процес под надлежност на повеќе институции и тела, под координација на Министерството за образование и наука, годинава бил значително унапреден.
„Тоа го потврдува фактот што преку откуп на учебници за кои министерството не ги поседува авторските права и преку печатење на оние кои се во сопственост на МОН, досега во 2023 година обезбеден е тираж од 1.374.324 учебници. Над 98% од нив, се веќе дистрибуирани“, порачаа од МОН.
За споредба пред 5 години, односно во 2018 година беа набавени 823.604 учебници. Во 2019 се набави тираж од 655.934 учебници, во 2020 вкупно 732.634 учебници. Во учебната 2021/2022 година се набавија вкупно 748.421 учебници.
„Податоците покажуваат дека учебникот како едно од основните полагала за совладување на наставната материја по сите предмети е значително подостапен, за разлика од минатите години“, потенцираат надлежните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа