На Галичица огнот се шири кон Стење и се слушаат експлозии

Пожарот на Илинска планина, што се простира на подрачјата на општините Демир Хисар и Охрид е под контрола и на некои места има чад во веќе опожарениот дел кој не претставува опасност.

Во текот на денот на терен имало 4 вработени од ЈП НШ „Бигла“ Демир Хисар, кои во 18.00 часот се повлекле, како и 3 вработени од ЈП НШ „Галичица“ Охрид. Исто така на охридската страна, направени се заштитни појаси со машина од ЈП НШ, информира Центарот за управување со кризи – ЦУК.

Регионалниот ЦУК Охрид, известува дека пожарот на планината Галичица е активен на преспанска страна и се шири кон с.Стење, Општина Ресен. Во гаснењето учествуваат екипи на НП Галичица и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Според известувањето на ТППЕ Ресен, се слушале и експлозии од куршуми и неексплодирани средства кои потекнуваат од периодот на Првата светска војна, соопшти ЦУК.

Во Општина Струга од околу 14.10 часот, започнат е пожар на ниска вегетација кај с.Долна Белица, кој подоцна се проширил кон селата Октиси и Велешта и истиот бил излезен од контрола и проширен кон шума.

Интервенирале со 3 пожарникари и 1 ПП возило, но подоцна се приклучиле и други екипи, како и месно население. Според информациите од ТППЕ пожарот е ставен под контрола околу 01:45 часот, а сеуште гори депонијата во с.Октиси, поради што во 06:30 часот испратена е екипа од ТППЕ Струга на интервенција, известува ЦУК.

10.08.2024 - 09:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега