Неуспешен обид за разговор меѓу Србија и Косово во Брисел, за клучните точки се уште нема договор

Техничкиот дијалог меѓу Србија и Косово продолжи во Брисел на ниво на главните преговарачи со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, но по одвоените разговори, трилатералната средба изостана.

Со претходните посети на Приштина, а потоа и на Белград, Лајчак се обиде да ги подготви двете страни за денешниот состанок со цел да се надмине ќор-сокакот во дијалогот, особено загрозен од неодамнешниот конфликт меѓу српската група на северот на Косово, во кој беа убиени еден косовски полицаец и тројца српски напаѓачи.

Кои се точките за кои се расправаат двете страни

Точката на спор за Белград е одбивањето на Приштина да формира Заедница на српски општини, што го прифати како обврска со договорот под покровителство на ЕУ во април 2013 година.

Приштина, пак, инсистира Србија да го потпише европскиот план за Косово од февруари и анексот договорен во март во Охрид, а Косово да биде признаено и де факто и де јуре. Официјален Белград категорично го одбива признавањето, со аргумент дека „самопрогласената независност“ на Косово е спротивна на принципите на меѓународното право.

Косово е признаено од стотина членки на ОН и 22 од 27 членки на ЕУ.

Клучна тема денеска во Брисел беше изготвувањето на статутот на Заедницата на српските општини, а белградскиот преговарач, директорот на владината канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, според пишувањата на белградските медиуми, во Брисел инсистирал на обврските кои Приштина ги прифати во договорите потпишани во 2013 и 2015 година.

Петковиќ изјави дека денеска се разговарало за изработка на статутот на ЗСО, како прв конкретен чекор кон формирањето, наведувајќи дека овие дискусии ќе продолжат.

„Статутот е многу важен бидејќи го претставува столбот на ЗСО и сè мора да биде во согласност со договорите од 2013 и 2015 година“, рече Петковиќ на новинарите.

Претставникот на Приштина, Бесник Бислими изјави дека со Лајчак не разговарал за нацрт-статутот на ЗСО, иако потврдил дека е на дневен ред, пренесе агенцијата Танјуг.

По разговорот со Лајчак, Бислими на новинарите им посочи дека Приштина нема да почне да работи на формирање на ЗСО без потпишување три договори – предлогот на ЕУ од февруари и Охридскиот анекс договорен во март.

„Имплементацијата не може да започне без потпис, бидејќи ни треба гаранција дека имаме валиден договор, кој носи обврски и за другата страна“, рече Бислими.

Лајчак до четврток доцна попладне не ги коментираше разговорите со Петковиќ и Бислими.

16.11.2023 - 20:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега