Предлог-законот за абортус останува “на маса“
Предлог законот за прекинување на бременост, кој по скратена постапка е ставен на денешната собраниска седница, предизвика реакција кај неколку пратеници кои побараа негово повлекување. Нивното образложение е дека предложеното законско решение е крајно рестриктивно и значи враќање назад, односно ограничување на правата на жената.
- Овој закон треба да се повлече затоа што е крајно рестриктивен и ги ограничува правата и слободите на жените да располагаат со своето тело и да решаваат за правото за раѓање. Тоа се уставни права и пракса со децении. Со вакви рестриктивни одредби се враќаме во некои други времиња кога некои други решавале за правата и слободите на жените. Ова не е мерка за пораст на наталитетет. Пораст на наталитетот е нешто што се прави со стимулативни мерки, а не со ресктриктивни мерки. Ова е апсолутно погрешно, рече Лилјана Поповска од ДОМ.
Ист став како Поповска имаа и пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија и Цветанка Иванова од СДСМ.
Сепак, мнозинството пратеници не се согласија со предлозите за повлекување на ова законско решение.
Седницата беше прекината по барање на координаторот на Демократската партија на Албанците Имер Алиу поради неможноста седницата да се следи на албански јазик.
Претходно, беа верификувани мандатите на новите пратеници кои доаѓаат на местото на Зијадин Села од ДПА и Изет Зеќири од НДП. За нови пратеници се избрани Беким Ќоку од ДПА и Наџин Џелили од НДП.
Седницата ќе продолжи по паузата со расправа по предлогот на Владата за именување на нови министри за образование и за труд и социјална политика и за министер без ресор и заменик-министер за локална самоуправа.