Петерле на чело на Мешаниот комитет ЕП-Собрание - Шацимаркакис надвор од “игра“

Словенечкиот европратеник Алојз „Лојзе” Петерле ќе застане на чело на заедничкиот мешан комитет на Европскиот парламент и македонското Собрание, објавува МИА.

Според информациите на МИА, вчера во Европарламентот во Стразбур, европратениците одлучиле Петерле да го наследи контроверзниот Шацимаркакис и да го води заедничкиот комитет на европскиот и македонскиот законодавен дом.

Со оглед на тоа што комитетите и подкомитетите во Европарламентот се уште се формираат, наскоро се очекува да биде комплетиран и целиот список од дваесетина европратеници кои ќе бидат дел од Мешаниот комитет со Македонија.

Меѓу европратениците кои ќе бидат дел од Мешаниот комитет со Македонија треба да се најде и словенечка европратеничка Патриција Шулин. Откако ќе се формираат, во септември или октомври, тие се очекува да се сретнат со своите македонски колеги.

Петерле, кој започнува трет последователен мандат како пратеник во Европскиот парламент, важи за искусен политичар со богата кариера во својата земја. Така, по распадот на СФР Југославија, тој беше прв премиер на Владата на Словенија (од 1990 до 1992 година), а двапати (1993-1994 и 2000 година), Петерле беше и вицепремиер и словенечки министер за надворешни работи. Како претставник на христијанско-демократската партија Нова Словенија, во Европарламентот, Петерле е дел од Европските народни партии (ЕПП), чија членка е и владејачката партија во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.

Претходникот на Петерле, Јорго Шацимаркакис остави длабоки последици во односите на законодавните домови на ЕУ и на Македонија, со оглед на тоа што долго време не договараше средби (обично се одржуваат по две средби годишно, една во Брисел, а друга во Скопје), а и ги минираше состаноците со провокации за Македонија. Добро се памети и театралниот настап на Шацимаркакис во македонското Собрание, кога, наводно, говореше на македонски јазик. Потоа, за грчки и бугарски медиуми, тој изјави дека “во Скопје користел бугарски дијалект”.

На една дебата за слобода на медиумите во Македонија која се одржа во Европарламентот, потсетува МИА, Шацимаркакис навреди и на сила исфрли тројца македонски новинари од салата, со изговор дека истите не биле поканети и не можело да дискутираат.

Во однос на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, каде се гласаат Резолуциите за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите, пишува МИА, речиси сигурно е дека Британецот Ричард Ховит повторно ќе биде избран за известувач за нашата земја, додека Романецот Кристијан Дан Пред ќе биде координатор за Македонија на најбројната партија во ЕП, Европските народни партии во АФЕТ. 

04.07.2014 - 12:19
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега