МВР за денешните протести: Приведени шест лица, повредени 20 полицајци

 

Во протестот попладнево во Скопје се повредени 20-ина лица - полицајци и учесници, на кои им е укажана лекарска помош, а шестмина се приведени во полициските станици. Тоа   се првичните информации што ги соопшти Министерството за внатрешни работи, кое на терен воспостави ред и мир.

- Поголем број хулигани, кои беа дел од екстремно агресивната и насилна толпа, со камења и тврди предмети попладнево ги нападнаа полициските службеници кои ги обезбедуваа ненајавените протести. Истите палеа предмети по булеварите во централното градско подрачје и ја оштетија фасадата на Основниот суд Скопје 1.Во овие моменти вандалите веќе се потиснати и се преземаат дополнителни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир, соопшти МВР.

Министерството дополнува дека по завршување на првичната цел на полициската интервенција, односно воспоставувањето на јавниот ред и мир, продолжува да работи на идентификација и на останатите хулигани кои учествуваа во насилните инциденти, врз основа на  сопствените снимки и од снимките на медиумите, и ќе ги преземе сите мерки против нив.

Протестите почнаа околу 13.20 часот на ул.„Цветан Димов“ пред џамијата „Јаја Паша“ со 200 граѓани. Протестот стана помасовен и се  прошири кон  Бит-пазар, каде обезбедувањето беше нападнато со камења и други  предмети. На тоа интервенираше полицијата која со мерки за растурање на масата го спречи движењето на насилната толпа кон Влада на РМ.

- Полициските службеници и понатаму продолжуваат со обезбедување на претходно утврдените критични локации. МВР ќе ги следи и социјалните мрежи преку кои се одвиваше мобилизацијата за насилните протести и апелира граѓаните да не дозволат да бидат манипулирани и инволвирани во какви било нарушувања на јавниот ред и мир, соопшти МВР.

04.07.2014 - 18:29
Фото: 
а1.он
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега