Александар отишол во Охрид да работи во познат ресторан - детали за удавеното момче
Полицијата го откри идентитетот на младото момче кое во саботата наутро беше пронајдено во водите на Охридското езеро во центарот на Охрид, од страна на случаен минувач, објави „Утрински весник“. Давеникот е 25. годишниот Александар Ѓ. од кочанското село Зрновци. Пред само неколку денови тој дошол во Охрид да работи во познат угостителски објект, што е честа практика за време на главната туристичка сезона.
Телото на удавеното момче го забележал случаен минувач, на оддалеченост од околу 5 метри од платформата на еден ид најелитните угостителски објекти, ресторан во централното градско подрачје каде длабочината на езерската вода е околу 2 метри. Момчето починало од давење, но каде, кога и како се случил немилиот настан засега не се знае. Последно бил виден во петокот навечер во ресторанот каде работел, но тоа не е во близина на езерскиот брег. Што се случило потоа треба да открие истрагата.
Во текот на оваа недела ова е трет случај на давеник во езерските води. 28 годишен турист од Србија и десет години помал од него албански државјанин се спасени од давење. За жал, повеќе од половина од плажите на охридската и струшката ривера немаат се` уште ангажирано спасители на вода.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа