Нови видови на овошје кои веројатно не сте ги пробале

 

Овошјето важи за дел од оние намерници кои што му се неопходни на нашиот организам за правилно функционирање и извршување на основните животни процеси, па токму и затоа истото треба да биде доволно застапено во нашата исхрана.

 

За наша среќа, живееме на поднебје на кое што има голем избор на овошје, меѓутоа сепак, сето тоа е само дел од она што ни го нуди природата. 

Така, во продолжение прочитајте ги другите десет видови на овошје кои што за нашите простори се прилично невообичаени, додека пак во некои други краеви на светот истите секојдневно се користат. 

Откако синоќа ги погледнавме првите 10 видови овошје кои што веројатно не сте ги пробале, во продолжение погледнете нови десет плодови, од кои што дел се јадат свежи, другите се додаваат во храната, од дел се прават сокови и мармалади, а некои пак се основа за најубавите специјалитети во светот. 

Карамбола

Карамболата или "Averrhoa carambola", исто така позната и како ѕвездено овошје, е вид на овошје популарно во целиот југоисточен дел на Азија, во Јужниот Пацифик и во делови од источна Азија, а исто така се одгледува и во Латинска Америка, на Карибите, како и на југот од Соединетите Американски Држави. 

Целиот плод од ова овошје се јаде, вклучувајќи ја и "восочната кора". Месото е крцкаво, цврсто и исклучително сочно. Со оглед на тоа што се состои од 4% шеќер, ова овошје е и многу благо, а исто така е и богато со антиоксиданси, калиум и витамин Ц. Вкусот на карамболата се споредува со мешавина од јаболка, круша и лимон. 

Пепино

Овошјето пепино, чие што латинско име гласи "Solanum muricatum", познато е и како пепино дулче или слатко пепино. Станува збор за вид на зимзелена грмушка со потекло од Јужна Америка, а ова овошје се одгледува поради слатките плодови кои се јадат. 

Вкусот на пепино се споредува со мешавина од крушка и диња, а истото е корисно за лицата кои што страдаат од дијабетес, болести на срцето, претрпеле мозочен удар или имаат висок крвен притисок. Редовната консумација наводно и генерално ја подобрува издржливоста на организмот. 

Черимоја

Черимојата или "Annona cherimola" е овошје кое што се смета дека потекнува од Андите. Ова овошје за првпат било увезено во Калифорнија и на Хаваите во 1871 година, а потоа пристигнало и до Италија и Португалија. Некаде овошјето черимоја се нарекува и тропска јаболка, меѓутоа овој превод не сите го познаваат. 

Вкусот на черимојата зависи од сортата на овошјето, па некои видови имаат вкус сличен на ананасот, додека пак другите се благи како крушките и јаболката. Ова овошје се состои од 15% шеќер, а богато е и со витамин Ц. Семките од ова овошје никогаш не смеат да се скршат затоа што се отровни и можат да предизвикаат парализа.

Питаја

Питаја е вид на кактус кој доаѓа од Мексико, Средна и Јужна Америка, но исто така се одгледува и во источна и југоисточна Азија, како и во Израел, Кипар, Кина и северна Австралија. 

Месото на питајата, кое што се јаде сирово, има благ вкус и многу малку калории. Семето се јаде заедно со месото од овошјето и тоа има вкус кој потсетува на оревите. Од ова овошје се прават и сокови и вино, додека од цветот на растението се прават чаеви. 

Ачке
Овошјето ачке, чие што латинско име гласи "Blighia sapida", е овошје со потекло од тропските предели на Западна Африка. Откако било увезено во Јамајка, истото станало една од главните состојки во јадењата на Карибите, а исто така се одгледува и во тропските и суптропските подрачја во уште неколку краеви во светот. 

Ова овошје содржи многу масни киселини, вклучувајќи го и омега 6 маслото. Нема холестерол и заситени масти, а исто така содржи и доста белковини, јаглехидрати, витамин Б и Ц, цинк, калиум, калциум и влакна.

Лонган

Лонганот или "Dimocarpus longan" потекнува од Малезија, меѓутоа се одгледува во делови и од јужна и југоисточна Азија. Во малезискиот јазик ова овошје е познато и како "mata kucing", што во превод значи "мачкини очи". 

Ова овошје е слатко и сочно, а покрај тоа што се јаде свежо, исто така се користи и во источноазиските супи, благи и слатко-киселата храна. Овошјето се продава свежо или сушено, конзервирано или во облик на сируп. Сувиот лонган често се користи во кинеската кујна и медицина, затоа што се верува дека има релаксирачко дејство врз телото. 

Фисалис

Фисалис или "Solanaceae" е овошје кое расте во топлите умерени и суптропските региони ширум светот. Типичниот плод е сличен на тврд домат, а фисалисот има благ и освежувачко киселкаст вкус. 

Ова овошје може да се јаде сирово или да се користи како додаток во десертите и салатите, а од него се прават и џемови и желе. Покрај тоа, во кинеската медицина се користи за ублажување на кашлицата, грозницата или воспаленијата на грлото. 

Сантол

Овошјето сантол, чие што латинско име гласи "Sandoricum koetjape", расте во Југоисточна Азија, а познато е и како памучно овошје или кисела јаболка. 

Ова овошје се јаде сирово или се користи како додаток во јадењата. На Филипините од ова овошје се прави и познатиот специјалитет Бикол, при што сантолот се готви во кокосово млеко заедно со парчиња свинско месо и феферонки. На Тајланд сантолот се користи како додаток во сом-там салатата, која што во 2011 година беше прогласена за едно од 50-те највкусни јадења во светот. 

Помело

Помело или "Citrus maxima", е овошје со потекло од јужна и југоисточна Азија. Ова овошје е најголемото цитрусно овошје во светот, со 15 со 25 центиметри обем и тежина од 1 до 2 килограми за едно парче. 

Помелото има вкус како сладок и благ грејпфрут, односно воопшто не е горчливо како обичниот цитрон. Кората од помелото некогаш се користи за правење на мармалад или како додаток во благите, додека пак во некои краеви од светот се јаде потопено во чоколадо. Се верува дека токму грејпфрутот настанал како хибрид од помелото и портокалот. 

Кивано

Овошјето кивано, чие што латинско име гласи "Cucumis metuliferus", потекнува од Африка, а сега се одгледува и во Калифорнија, Чиле, Австралија и Нов Зеланд. Кивано е познато и како африканска боцкава краставица, африканска боцкава диња, желе диња и бодликава тиква. 

Ова овошје може да се јаде во сите стадиуми од неговиот развој, а се јаде сирово, или како додаток во јадењата. Од киваното се прават сокови, овошни салати и мармалади, а има сочен и освежувачки вкус. 

Извор: Точка

 

08.07.2014 - 14:14
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега