Македонија ќе добие национален авиопревозник

 

Македонија одново ќе добие национален авиопревозник, одлучила Владата на синоќешната седница. За ова зборуваше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во Дневникот на МТВ.

Во соработка со консултант кој ќе ја води оваа постапка, прв чекор ќе биде истражувањето на пазарот и испитување на интересот на светски познатите компании да воспостават база во Македонија.

„Прв чекор е дека ќе направиме испитување на пазарот во соработка со консултант, значи првиот чекор е ангажирање на консултант, кој ќе не води во оваа целокупна постапка, најнапред да се испита интересот на светски познати авио компании да воспостават база тука во Македонија. Второ, заедно со владата да ги ставиме на хартија сите оние услови кои може владата да ги понуди. На пример, дополнителни субвенции, специјално најдобрите линии да бидат резервирани за тој авио превозник и други поволности што владат би можела да ги понуди. И потоа, кога ќе направиме еден таков пакет, кога ќе се направи целосна анализа, предвидено е да се направат неколку роад шоуа, каде што тој пакет како можност за воспоставување на база во Македонија ќе се понуди до поголем број светски познати авиокомпании, европски и надвор од Европа. Врз база на тоа ќе видиме дали има интерес. Доколку има интерес потоа би распишале постапка“, најави Јанакиески во Дневникот на МТВ.

Инаку, за потребата Македонија да има национален авиопревозник неодамна се огласи и концесионерот на двата аеродроми во земјава, првиот човек на ТАВ Холдинг Сани Шенер.

 

 

 

16.07.2014 - 11:09
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега