Груевски: Македонската економија закрепнува побргу отколку во ЕУ
Растот на индустриското производство три месеци по ред укажува дека македонската економија закрепнува, оти работите тргнуваат во добра насока и е показател дека може да се остварат проекциите на Владата.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски одговoрајќи на новинарски прашања по присуството на промоција на дела од проектот „Ѕвезди на светската книжевност“.
- Може да се каже дека тоа е еден позитивен тренд, кој што укажува на закрепнување на македонската економија, што се надевам дека ќе продолжи, иако тоа е во голема зависност од случувањата во ЕУ и во еврозоната. Меѓутоа, иако таму се уште се соочуваат со крупни проблеми, сепак, мерките што се преземаат, активностите за привлекување нови инвеститори кои отвораат нови фабрики, даваат одредени резултати и веќе имаме едно побрзо закрепнување отколку во ЕУ. Тоа е добар сигнал. Тоа ме радува и укажува дека работите можат да тргнат во добра насока и тргнуваат во добра насока и тоа е показател дека е голема веројатноста оваа година да се исполнат очекувањата во однос на растот, изјави премиерот.
Тој додаде дека тоа може да се забележи и преку тоа што засега буџетот добро се остварува. - Значи, приходите во буџетот се согласно планираните и тоа е уште еден показател дека работите оваа година почнуваат да се стабилизираат од ударот, од последиците на европската должничка криза, рече Груевски.
Според објавените податоци на Државниот завод за статистика индустриското производство во април забележа раст од 4 проценти.