Зоран Јолевски: Најважно е што Македонија останува сериозно посветена во преговорите со Грција

 

Јолевски во интервјуто потенцира дека Македонија останува стратешки врзана со Вашингтон и со Брисел. Во таа насока е и најавата за учество на македонски мировници во новата мисија на НАТО во Авганистан

-Република Македонија е посветена и подготвена да учествува во идната мисија на Алијансата во Авганистан, по 2014 година, односно во мисијата за тренинг и едукација, „Одлучна поддршка“, секако согласно нашите капацитети, вели за Прес24, Министерот за Одбрана.

-Ние мораме во континуитет да покажуваме дека сме подготвени за членство не само во НАТО, туку и во ЕУ. Сепак, мораме да имаме предвид дека сиве овие реформи што ги правиме, ги правиме и за наше добро, за нашата армија да биде посилна, за нашата економија да биде посилна. Јас како министер за одбрана ќе продолжам со реформите во Армијата, со цел таа да биде уште подобра и посилна, ги потенцира Јолевски неговите приоритети како прв човек на одбраната.

ПРЕС24: Веднаш по преземањето на функцијата министер за одбрана, Ваша прва дестинација беше Брисел, а потоа и Вашингтон. Тоа се двете дестинации поврзани со македонските стратешки евроатлански цели. Но, какво е расположението во Брисел и во Вашингтон за зголемен интерес од нивна страна за надминување на пречките на тој пат?

ЈОЛЕВСКИ: Република Македонија цврсто стои на определбата за зајакнување на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Во текот на мојата посета остварив над 15 средби со актуелни и поранешни функционери на САД – сенатори, конгресмени и претставници на експертската јавност, на кои ја пренесов пораката од нашите граѓани и политички лидери дека Република Македонија има јасно зацртана цел, а тоа е да стане полноправен член на НАТО-Алијансата. Токму членството во Алијансата  ќе влијае на мирот, безбедноста и стабилноста не само на граѓаните на Република Македонија, туку и на целиот регион и Европа.

Нашето учество во мисиите за поддршка на мирот, предводени од НАТО се доказ дека ние ги споделуваме истите вредности со земјите-партнери. Претставниците на САД тоа го знаат и го поддржуваат. Тие во многу наврати се заблагодарија за учеството, но и за покажаниот степен на професионализам од страна на припадниците на Армијата на Република Македонија во силите ИСАФ во Авганистан. Моите соговорници укажаа на фактот дека Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО, но и дека ја знаат реалноста, која беше потврдена на министерскиот состанок пред неколку недели. Во тој контекст тие изразија силна волја во рамките на своите можности да дадат придонес Република Македонија да стане членка на НАТО. Јас во таа прилика им посочив дека нашата држава останува да биде целосно посветена на решавањето на разликите околу името.

Сепак, во контекст на Алијансата, она што е многу важно е дека ние како држава сме подготвени, согласно сопствените капацитети да дадеме придонес и во новата мисија во Авганистан, наречена „Одлучна поддршка“ и тоа е високо ценето од страна на Соединетите Држави.

Сето ова што го кажав за партнерството и блиската соработка со Соединетите Држави, може да се преслика и во однос на нашите пријатели од Европа. Република Македонија со учеството во борбените групи на ЕУ на два наврати, покажа дека ја поддржува Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата. Ние ги споделуваме истите вредности, истата визија со нашите европски партнери и затоа соработката со нив е наш приоритет.

За нас, како Република Македонија, од највисока важност е да продолжиме со реформските зафати. За мене како министер е битно секој припадник на Армијата да продолжи да се развива на сите полиња и затоа со сите сили работиме да ја етаблираме Воената академија како регионален центар за едукација. За тоа нам ни треба поддршка од граѓаните и поддршка од искрените партнери и поддржувачи како што се Соединетите Американски Држави.

ПРЕС24:  Иако одбраната во принцип ги има заокружено сите реформи кои се дел од партнерството со НАТО, сепак кои ќе бидат Вашите приоритети и фокусот за следните 4 години, како министер за одбрана?

ЈОЛЕВСКИ: Во принцип, раководењето со министерството за одбрана опфаќа голем дијапазон на активности. Одбраната, „де јуре“, претставува столб на независноста и сувереноста на нашата држава и затоа да се биде министер за одбрана, во основа значи сериозен предизвик и сериозна одговорност. Од друга страна, тоа претставува и одлична можност да придонесам кон една исклучително важна област со сето мое знаење, сето акумулирано искуство од претходните позиции на кои сум работел, а биле врзани со работата во служба токму на мојата земја, Република Македонија.

Во однос на Министерството и на Армијата, заокружувањето на трансформацијата, модернизацијата на силите со која Армијата ќе продолжи да ги гарантира мирот и безбедноста на Република Македонија и подобрувањето на стандардот на вработените бил и ќе остане приоритет број еден. Сепак, би додал дека секоја организација доколку сака да биде успешна, треба да инвестира и во човечкиот фактор. Нашите војници и старешини се прилично добро обучени, што се покажува и во нашите учества во меѓународните мировни мисии. Ние ќе продолжиме во нивно натамошно обучување, со цел тие да бидат уште подобри, бидејќи во животот доколку не работите на вашите перформанси, вие ќе заостанете. Истото се однесува и на оние кои доаѓаат, односно на питомците кои се дел од Воената академија. Мораме да внимаваме и на овој сегмент, да го зајакнеме, и да го подобриме. Само така ќе произведеме уште пообразовани кадри чии знаења ќе бидат почитувани во Армијата и во општеството, во целост.

Кога станува збор за нашите интенции во рамките на меѓународната заедница, неминовно се наметнува стратешката цел на Република Македонија, а тоа е полноправното членство во НАТО-алијансата и во Европската Унија, организации во кои природно припаѓаме и организации со кои споделуваме исти вредности, иста визија и исти цели.

ПРЕС24: Иако формално не е дел од НАТО Алијансата, сепак македонските војници оставија силен впечаток во мировните мисии. Останува ли Македонија во тој процес и понатаму?

ЈОЛЕВСКИ: Најдобрите амбасадори на Република Македонија во светски рамки, нашите мировници, се препознатливи по своите вештини и својот професионализам кога станува збор за целосното и навремено исполнување на задачите и одговорностите. Тоа не е само оценка која ја даваме ние – тоа е мислењето на сите наши партнери во меѓународните мировни мисии. Нашата определба е да помогнеме во етаблирањето на демократските вредности, на слободата, на мирот и на почитувањето на човековите права, на регионално, но и на глобално ниво. Токму затоа, Република Македонија останува цврсто определена за учество во мисиите чиј дел е во моментов – мисијата во Босна и Херцеговина, мисијата „УНИФИЛ“ во Либан и во силите ИСАФ во Авганистан. Дополнително, Република Македонија е посветена и подготвена да учествува во идната мисија на Алијансата во Авганистан, по 2014 година, односно во мисијата за тренинг и едукација, „Одлучна поддршка“, секако согласно нашите капацитети.

ПРЕС24:  Македонија веќе шест години стои во место во поглед на НАТО интеграцијата. Изминативе години немаше некоја поголема инволвираност на влијателни земји членки на Алијансата во некакви иницијативи за македонското полноправно членство. Се беше некако оставено на можноста за договор со Грција. Оваа година, особено пред самитот во Британија, Германија ги засилува контактите. Во таа функција е и конференцијата за Западен Балкан на крајот од Август. Грчките медиуми пишуваат за притисок врз Грција. Има ли некакво посериозно раздвижување кај дипломатите во НАТО, за некакви изненадувања на Самитот во Велс?

ЈОЛЕВСКИ: Република Македонија ги исполнува сите критериуми за да биде поканета за полноправна членка во НАТО. Тоа беше потврдено во 2008 година на самитот во Букурешт, а тоа го потврдија и за време на претходните мои средби во седиштето на Алијансата. Тоа е заедничка констатација. Но, точно е дека ние пред шест години не успеваме да го добиеме тоа членство, поради нашиот јужен сосед. Ние работиме во две насоки: со нашиот јужен сосед, Грција, за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение, коешто ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на Македонците, но и паралелно да продолжиме со реформските процеси. Пресудата на меѓународниот суд на правдата со својата одлука јасно покажа дека нашиот јужен сосед, Грција ја прекрши Времената спогодба од 1995 година. Истовремено судот утврди дека Македонија учествува со добра верба во преговорите во врска со името.   Ние мораме во континуитет да покажуваме дека сме подготвени за членство не само во НАТО, туку и во ЕУ. Сепак, мораме да имаме предвид дека сиве овие реформи што ги правиме, ги правиме и за наше добро, за нашата армија да биде посилна, за нашата економија да биде посилна. Јас како министер за одбрана ќе продолжам со реформите во Армијата, со цел таа да биде уште подобра и посилна.

ПРЕС24:  Како министер за одбрана претспоставувам дека е предизвик да се дојде до формалната одлука за прием во Алијансата. Имате ли надежи дека току во Вашиот мандат, Македонија би го обезнедила членството во НАТО? Има ли стратегија Македонија, како понатаму ако и овој Самит помине без проширувањето со Македонија?

ЈОЛЕВСКИ: Република Македонија има јасна и прецизна визија. Таа сите свои расположливи ресурси, сите свои напори ги насочува кон членството во НАТО и ЕУ, но не единствено како крајна цел, туку како алатка, како можност за генерирање уште поголема безбедност и уште поголем просперитет за своите граѓани, за регионот и за Европа. Нашата стратегија е добро позната – напорна работа на отстранување на таа пречка и напорна работа за уште посуштински реформски зафати на полето на одбраната, модернизација на АРМ и обука на припадниците на Армијата, со цел да можат активно да учествуваат во мировни мисии на НАТО и да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.

ПРЕС24:  Еве веќе еден месец сте на функцијата министер за одбрана, но се уште нема официјална информација, што станува со позицијата македонски преговарач во ООН, за спорот со името? Имавте ли разговори со државниот врв?

ЈОЛЕВСКИ: Во однос на тоа би сакал да истакнам дека веднаш откако разговарав со премиерот Груевски и кога ја прифатив понудата да ја преземам оваа функција, јас контактирав со медијаторот Нимиц и го информирав дека Република Македонија останува посветена и подготвена да го пречека медијаторот во Скопје колку што е можно побрзо. Мораме да имаме предвид дека преговарачот во секој процес игра значајна улога, меѓутоа и дека тој е еден сегмент од целиот процес. Преговарачот ги изнесува позициите на државниот врв – тој секогаш по секоја средба и секоја идеја доаѓа на консултации со државниот врв. Тоа го правев јас, но го правеа и моите претходници и оние кои ќе дојдат по мене. За нас е важно тоа што имаме капацитет да продолжиме со овие преговори.

ПРЕС24:  Изминативе дваесет години независност, честопати се зборуваше за буџетот на одбрана. Секогаш се посочуваше дека тој буџет треба да биде поголем за да можат да се реалзираат сите реформи. Каков е Вашиот став за ова прашање?

ЈОЛЕВСКИ: Буџетските прашања се секогаш од исклучителна важност кога станува збор за ефикасното функционирање на една област во државата, а особено кога зборуваме за одбраната. Модернизацијата и опремувањето на Армијата е предизвик за сите нас. Сепак, ние сме свесни дека постои потреба од нова софистицирана опрема, факт кој може да се види и преку донесувањето на новиот Долгорочен план за развој на одбраната: 2014 – 2023 година, кој инкорпорира токму План за модернизација. Согласно долгорочниот план, буџетот на одбраната треба да расте во следните години и да стигне до 1,60% од бруто домашниот производ во 2023 година. Исто така, во рамките на моите овластувања како министер за одбрана, јас ќе внимавам средствата кои се на располагање да бидат искористени со најголема ефикасност, со што ќе се зголеми и нивниот импакт, односно нивното влијание кон достигнувањето на финалната цел.

ПРЕС24:  Во составот на АРМ почна да функционира школата за пилоти. Односно тоа практично е регионален центар. Каков е интересот?

ЈОЛЕВСКИ: Центарот за обука на пилоти кој е отворен во 2011 година е еден исклучително добар проект кој веќе ги даде своите први резултати – оваа година беше промовирана и првата класа пилоти, меѓу кои ја добивме и првата жена пилот во Армијата. Тој од економска перспектива ни дава можности за поевтино произведување на високо-квалитетни кадри во военото воздухопловство, а од друга ни дава и можност за размена на искуства, пренесување на знаење и пренесување на технологија, имајќи предвид дека тој е воден од врвни професионалци од Израел кои имаат екстензивно борбено искуство и дека во него се сместени два врвни симулатори од најновата технологија. Дополнително би истакнал дека во моментов тече и обуката за пилоти на хеликоптери за потребата на Министерството за внатрешни работи, што само потврдува дека истиот е мултифинкционален, односно ги покрива потребите на сите институции во државава. Секако дека Министерството за одбрана е насочено и кон привлекување на припадници на армиите на нашите земји-партнери, за што постои интерес. Впрочем, токму неодамна интерес за Центарот изнесе и началникот на Генералштабот на Унгарија, кој престојуваше во официјална посета на Република Македонија.

Во една реченица би сумирал дека Центарот за обука на пилоти е несомнена инвестиција во иднината.

ПРЕС24:  Во каква кондиција е македонската одбрана?

ЈОЛЕВСКИ: Армијата на Република Македонија е подготвена да ги реализира своите уставни и законски одговорности. Како и во секоја област на живеење предизвици постојат, но ние имаме волја и енергија да се справиме со нив. Фактите говорат дека Армијата на Република Македонија е мултинационална институција која се грижи за родовата рамноправност и перспектива. Но не само тоа. Ние сме целосно посветени на справување со предизвикот за модернизација на нашите вооружени сили. За нас значајно е тоа што сме истрајни на оваа патека и што сме цврсто мотивирани да успееме да ги реализираме нашите планови, особено Долгорочниот план за развој на одбраната во периодот до 2023 година.

ПРЕС24:  Вие сте, ако не се лажам, единствениот кој од дипломатија дошол во политика. Обично во Македонија од политика се заминува во дипломатија. Некои тоа го толкуваа како награда, а некои како дистанца од домашната политика. Како да го комемнтираме Вашето враќање во Македонија од дипломатијата?

 

ЈОЛЕВСКИ: Сметам дека позициите кои ги имав како дел од дипломатската мрежа на Република Македонија се одлична можност за акумулирање на непроценливо искуство кое сакам да го споделам и да го искористам во корист на мојата земја. Не станува воопшто збор за награда или за креирање на одредена дистанца, туку за можноста да придонесам со сите мои сили кон унапредувањето не само на одбранбениот сектор, туку и на подобрување на позициите на Република Македонија, воопшто.

19.07.2014 - 10:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега