Владо Бучковски: Делегатите со или против членството?

 

 

Владо БУЧКОВСКИ за Дневник

Денешнава колумна ќе ја почнам невообичаено. Најпрвин ќе следува списокот на дел од делегатите на Kонгресот на СДСМ. Значи, на утрешниот Kонгрес на најголемата опозициска партија, освен делегатите што по функција имаат право на глас, а тоа се членовите на Централниот одбор, на Надзорниот одбор, на Градскиот одбор на скопската организација плус претседателите на општинските организации, раководството на младината и на клубот на жените, пратениците и градоначалниците (сите овие имиња ги има на веб-страницата на СДСМ), ќе гласаат и следниве делегати: 

Од Општинската организација Аеродром: Петар Алексовски, Линдита Атанасовска-Шаќири, Даниела Груевска, Горан Ѓорѓиев, Дарко Ѓорѓиевски, Љупчо Јованов, Ѓорѓи Митрески, Никола Младеновиќ, Ана Мојсовска, Дејан Мојсоски, Гоце Николовски, Тренкица Павлова-Црвенковска, Зорка Попова, Славчо Ралевски, Влатко Спиров, Ивица Трајковски, Илија Ќироски, Елена Христовска, Нора Шаќири...

Од Општинската организација Битола: Александар Цуцуловски, Александра Ангеловска, Ангелина Илиева, Благојче Цветковски, Валентина Стојковска, Валентина Талевска, Веле Гајдаровски, Виолета Џима, Горан Јоновски, Дончо Николовски, Златка Ставревска, Зоран Секуловски, Зоран Степановски, Јован Настевски, Kирил Ѓорѓиев, Лидија Бошевска, Пеце Гулевски, Пеце Матевски, Сашко Наумов, Стефанка Велјановска, Татјана Kрнчев итн.

Нема да ги пишувам докрај сите делегати затоа што ќе нема место за поентата на оваа колумна. Јасно им е на сите добронамерни дека се направи голема штета на постапката за избор на нов претседател со тоа што се криеше списокот на делегатите од единствениот кандидат кој е надвор од раководството (Kире Наумов), но и со тоа што членството на СДСМ нема увид кој ќе решава во нивно име! Нема дилеми кај мене дека најголем број од делегатите не се избрани според статутарните одредби, туку се издиктирани од централата на „Бихаќска“. Веројатно тоа е единствената причина зошто се крие составот на највисокиот партиски орган, Kонгресот. Увидот во списокот на делегатите (благодарност до незнајниот што ми го испрати списоков на мојата електронска адреса) докажува дека еден дел од делегатите се тука заради семејни и други врски, а не заради активноста и угледот што би требало да го уживаат во базата, помеѓу членството од каде што се делегираат!

Јас сум противник на делегатскиот систем уште од октомври 2006 година и од тогаш јавно се залагам за реформа во СДСМ и за воведување непосредни внатрепартиски избори каде што секој член би имал право на глас. Утре, на 2 јуни, да гласаа непосредно членовите, победникот ќе беше извесен! Арно ама, кога делегатите не се избрани од базата, од членството, постои доза на неизвесност кој ќе биде новиот претседател на СДСМ? 

Дополнителна конфузија создава иницијативата поддржана од 20 или 25 илјади члена, единствен кандидат да биде Бранко Црвенковски! Слушам калкулации, ако на 100 члена на СДСМ се избира еден делегат, тогаш овие потписи би требало да обврзуваат 200 или 250 делегати! Ако на тоа се додаде фактот дека во 15 општински организации, од кои доаѓаат близу третина од делегатите, единствен кандидат за претседател беше Црвенковски, се калкулира и можноста да нема избор ако овие делегати не заокружат ниту еден од кандидатите или ако го додаваат името на Црвенковски! 

Јас не верувам дека е можно ова сценарио на иницијаторите што собираат потписи за единствена кандидатура на Црвенковски. Ценам дека изборот на претседател ќе биде извршен во вториот круг на гласање затоа што се минимални шансите да има победник во првиот круг при избор од четворица кандидати. На крајот, да нема дилеми, моето идно општествено и политичко дејствување ќе биде во Граѓанската алијанса за позитивна Македонија. Затоа ќе бидам крајно позитивен. Ги тргам настрана моето отворено несогласување со политиките на Црвенковски и нетрпеливоста кон дел од раководството на СДСМ и посакувам успешен Kонгрес!

П.С. Да потсетам дека досега само еднаш, на вонредниот Kонгрес на 25 ноември 2004 година, СДСМ избираше претседател помеѓу повеќе кандидати на тајно гласање. Тогаш кандидати бевме јас, Радмила Шекеринска и Тито Петковски. Од присутните 660 делегати со верифицирани полномоштва, јас во првиот круг на гласање освоив половина од гласовите плус еден, доволно за победа во првиот круг. Но се инсистираше на пребројување на гласовите, при што се појавија уште две гласачки ливчиња на делегати, чии полномоштва не биле верифицирани. По долги натегања, има ли доволен број гласови за победа во првиот круг или недостига еден глас, јас инсистирав да има втор круг. Во вториот круг на гласање јас освоив 391 глас, а Радмила Шекеринска 265 гласа. Поради сите овие перипетии, гласањето заврши утредента во 4.30 часот по полноќ.

Владо БУЧКОВСКИ за Дневни

најчитано сега