Груевски во Радовиш: ТИРЗ и новите работни места се она што и треба на Македонија

 

Технолошко индустриските развојни зони во државата се едни од најголемите дела на нашата генерација доколку се земат предвид сите досегашни инвестиции и новоотворени работни места низ државата, а тоа е она што и треба на Македонија, истакна на поставувањето камен темелник на новата Технолошко индустриска развојна зона во Радовиш премиерот Никола Груевски.

Владата за изградба на зоната ќе инвестира 11 милиони евра.

Груевски подвлече дека последните услови кои се нудат за зоните, инфраструктурата, но и нивната локација во близина на големите градови и на главните коридори, железнички пруги и аеродроми претставуваат особено привлечна понуда за странскиот капитал.

- Тоа јасно се докажа во веќе функционалните зони во Скопје и Штип, а такви зони веќе отпочнаа да се градат во Кичево, Гевгелија, Прилеп, Струмица, Тетово и Ранковце. Воедно се подготвуваат документите за отпочнување со градба и на зоните во Струга, Делчево, Виница и Берово, рече премиерот Груевски.

ТИРЗ Радовиш е лоцирана во близина на двете граници со Бугарија и Грција и е поврзана со регионалниот пат Струмица-Радовиш што нуди можност потенцијалните инвеститори да бидат одлично поврзани и да имаат брз и ефикасен транспорт кон посакуваните дестинации.

Како што посочи премиерот, постојаните активности на Владата за привлекување нови инвеститори и отворање нови работни места веќе даваат резултати со оглед дека поголем број мултинационални компании веќе работат во Македонија, а голем број други се заинтересирани и се во интензивни разговори со владини претставници.

- Дека има интерес за инвестирање во државата говорат и последните неколку месеци во кои италијанската компанија Диатек најави инвестиција од над 10 милиони евра и вработување на околу 200 лица. Американската компанија КХС објави инвестиција во Кичево и илјада нови вработувања. Кинескиот текстилен гигант Веибо најави дека ќе инвестира 400 милиони долари во Македонија и ќе вработи пет илјади лица. Германската компанија Техникал текстил објави дека ќе инвестира 12 милиони евра  и ќе вработи над 500 лица.  Британската компанија Еуро БПО исто така најави инвестиција и вработување на 350 лица. Германската компанија ОДВ Електрик објави дека ќе инвестира 15 милиони евра во фабрика во Охрид  и ќе вработи до илјада луѓе. Украинската енергија објави инвестиција од 18 милиони долари и нови 150 вработувања, а пред неколку дена и италијанската мултинационална компанија Монтанте груп најави инвестиција од 10 милиони евра и нови 100 вработувања. Сето ова за само неколку месеци се резултат од нашето досегашно работење, нагласи Груевски.

Според него, државата добива и одлични оценки во сите највлијателни меѓународни агенции, весници и институции кои ги следат економските случувања во земјите од светот. Тој посочи на рангирањата на Американската фондација Херитич која ја смета Македонија за лидер во регионот кон нивото на економски слободи.

- Една од најреномираните агенции во светот Фич по петти пат даде потврда на стабилниот кредитен рејтинг на земјата, а слични оценки даде и реномираната агенција Стандард и пурс и сето тоа во време во кое овие агенции ги намалија кредитните рејтинзи на повеќе други земји во регионот како Хрватска, Словенија па и пошироко на Украина, Русија, Турција и слично, рече шефот на Владата.

Според него, сите овие добри резултати ги следат големите инвеститори поради што и интересот за Македонија е голем, а тоа е и поттик да се продолжи со добирте политики и напорна работа.

Министерот за економија, Беким Незири обракајќи се на настанот истакна дека со овој проект продолжува да се реализира политиката за економски развој на земјата бидејќи создава можности за развој на општините и отворање нови работни места.

Според него, од особено значење од функционирањето на зоните е нивниот одраз врз извозот на земјата. Според последните статистички податоци извозот рапидно расте и ако лани опфаќал 25 проценти од вкупниот извоз оваа година се очекува тој да надмине 30 проценти.

- Градбата на овие зони јас ја гледам како одлична можност на нашите компании кои имаат намера да учествуваат во градбата, да конкурираат за избор и на тој начин потенцијално да придонесат за својот бизнис, рече Незири.

Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо истакна дека зоната ќе се протега на површина од 9,75 хектари со можност за нејзино идно проширување. Ќе располага со пет парцели од кои четири за производни капацитети и една за изградба на административна зграда. Со планскиот опфат на зоната планираме улична мрежа на водоводна и канализациска инфраструктура, телекомуникациска инфраструктура,  како и мрежа за снабдување со електрична енергија и гас за фабриките кои тука ќе се градат.

- Од вкупно основаните 13 зони во државата во моментот Скопје 1, Скопје 2 и Штип се инфраструктурно и оперативно подготвени како локации и таму се стремиме да ги задоволиме барањата на инвеститорите. Во овие зони сместени се преработувачките капацитети на Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Кемекс електорник, Технохозе..., а до крајот на летото и почетокот на есента ќе се започне со изградба на капацитетите како Диатек енергија, Техникал текстил  и Монтанте, рече  Мизо, подвлекувајќи дека продолжуваат и работите на зоните во Прилеп, Струмица, Гевгелија, Кичево и Струга во кои наскоро ќе се сместат најавените преработуачки капацитети.

Во однос на билансот на отворени работни места во зоните Мизо истакна дека во 2012 година во зоните имало 1.270 вработени. Минатата година е завршена со 2.500 вработени, а оваа година само од компаниите позиционирани во зоните ќе има над 3.500 вработувања. Се очекува бројката на вработени идната година да биде драстично зголемена, бидејќи се очекува реализација на инвестициите на компаниите кои ги потврдија своите инвестиции во изминатиот период.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Радовиш, Сашко Николов кој го поздрави поставувањето камен темелник на ТИРЗ спроти големиот празник Илинден со кој очекува да се промени животот на граѓаните во општината, ќе се подигне развојот. 

МИА

01.08.2014 - 13:40
Фото: 
вест
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега