Поплавени куќите во Тополчани - силен дожд го потопи прилепско

Невреме со силен дожд проследено со град синоќа по 19 часот го зафати атарот на селото Тополчани, Прилепско. Поплавени се дел од куќите, а градот уништил род со тутун и градинарски култури.

Како што објаснува Киро Мицески, жител на селото, синоќа семејството се борело со водената стихија.

- Беше страшно. По 19 часот почна силно да врне, а потоа и град. Наредните два часа водата се слеваше во гаражите, долните простории од нашата куќа. Цела ноќ стражаревме и чистевме, вели Мицески, пренесе МИА.

Според претседателот на месната заедница на Тополчани, Ацо Мицески градот уништил род на тутун и градинарски култури на педесетина хектари.

- Според првичните сознанија и, како што јавуваат земјоделците, е зафатен атарот на селото Тополчани. Станува збор за околу педесетина хектари со тутун и со градинарски култури. Ќе пријавиме во локалната самоуправа во Прилеп комисија да излезе на терен, вели Мицески.

Ова нестабилно време ги тера земјоделците да го осигураат родот. - Ќе треба да се осигура родот. Инаку од кого ќе бараме надомест на штети по вакво невреме. Ни требаат повеќе информации како да се осигураме, вели земјоделецот Славко Пројчески од Тополчани.

Државата субвенционира 60 отсто во премијата за осигурувањето на земјоделските култури.

06.08.2014 - 13:39
Фото: 
денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега