Надлежните објавија: Свинскиот врат на оваа кумановска фирма има листерија

Здравствените власти го открија изворот на Листерија- бактеријата е пронајдена во чаден свински врат на месната инустрија Екстра Меин од Куманово.

-Испитувањата на вкупно 650 мостри прехрамбени производи покажаа дека бактеријата листерија е најдена во триесет производи што термички се обработуваат и се сметаат за безбедни за јадење и кај еден производ што не се обработува термичики- вакумиран сечкан свински врат. Генетичките профили на листеријата од овој производ во 98 отсто се совпаѓаат со оние најдени кај 8-те раболени од листериоза, изјави професор д-р Ѕвонко Миленковиќ, претседател на Комисијата за заразни болести.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски рече дека по известувањето од Министерството за здравство, инспекторите од Агенцијата ги презеле сите мерки предвидени со Законот во овој случај и наредено е веднаш повлекување на сите производи од овие лотови од малопродажбата.

-Тоа е веќе завршено. Се работи за лот произведен на 21 јули со рок на траење до 4 септември. Значи сето она што е во малопродажбата веќе се повлекува. До вечер ќе биде завршено повлекувањето од малопродажбата. Во исто време согласно Законот наредено е сопирање на производството за да може да се земат мостри од работните површини, од машините, од сите оние делови каде што евентуално може да се најде листеријата за да се изврши споредување со изолатите земени од кај луѓето, потенцира Рунтевски.

Исто така, појасни, наредено е земање мостри и на сите производи кои одат на пазарот.

- Иако се работи за производ кој е произведен во средината на јули односно по избивањето на сите овие случаи, генотипизацијата која ја добивме од страна на Факултетот за ветеринарна медицина дава одредена насока во која треба да се насочи натамошната истрага за да се утврди изворот на бактеријата. Според она што го имаме како апаратура, како инструменти и како стручен кадар сметам дека Република Македонија има капацитет да ја заврши работата, рече Рунтевски.

Додаде дека согласно Законот за безбедност на храна, доколку операторот пушта во промет небезбеден производ, казните се 8.000 евра за правното лице и 2.500 евра за одговорното лице во правното лице доколку свесно пуштаат небезбедни производи во промет.

Од листерија досега починаа четири лица. Засега не се знае дали сите заразени со бактеријата листерија купувале од истата месарница.

06.08.2014 - 19:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега