Концерт на хорот „Про Арс“ во „Света Софија“ во рамките на Охридско лето

Со концерт на македонскиот хор „Про Арс“ во катедралната црква „Света Софија“ ќе продолжи музичкиот дел од програмата на  „Охридско лето“.

Професионалниот хор „Про Арс“ е формиран во 2011 година, од страна на Сашо Татарчевски. Уште од почетокот, хорот презентира висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Во својот репертоар овој хор посебен акцент и посветеност дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнување на авторите за пишување нова хорска музика: во соработка со СОКОМ за прв пат во Македонија е организирана работилница за млади композитори кои ги создаваа своите дела во непосреден контакт со ансамблот.

Хорот „Про Арс“ е составен од млади, мотивирани, музички и вокално образовани хорски уметници, целосно подготвени за ефективна и професионална работа кои во изминативе три години остварија соработка и со организации и музичари од сферата на популарната музика.

Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Има настапувано со голем број ансамбли на повеќе манифестации во Македонија, но и надвор од неа – Португалија, Словенија, Шкотска, Швајцарија, Шпанија, Србија, Франција, Русија и др. Значајни се и неговите учества на семинарите и мајсторските курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин и Фиренца. Во моментов работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што постигнува големи успеси со хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ, а истовремено е и раководител и диригент на професионалниот хор „Про Арс“ на Женскиот младински хор при МКЦ.

На програмата на вечерашниот концерт се композиции на Свиридов, Хаслер, Фалик. Почетокот е предвиден за од 21 часот.

08.08.2014 - 09:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега