Од 1 септември нови правила за специјализирана медицинска рехабилитација

Од 1 септември стапуваат во сила новите правила за специјализирана медицинска рехабилитација кои Фондот за здравствено осигурување на Македонија ги направи согласно современите теркови во медицината и светските искуства. Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова.

- Децата до 18 години со онколошки заболувања еднаш годишно до 15 дена ќе може да одат на медицинска рехабилитација по завршена онколошка терапија и во фаза на ремисија до пет години од влезот во ремисијата. Заболените од мултиплекс склероза и осигурениците со ревматоиден артрит првпат ќе можат еднаш годишно да одат на медицинска рехабилитација до 21 ден. Ова право исто така првпат го воведуваме и за лицата со хемофилија кои еднаш годишно до 15 дена ќе може да одат на медицинска рехабилитација, посочи Парнарџиева Змејкова и додаде дека големо олеснување за овие осигуреници кои првпат ќе може да добијат таков вид здравствена услуга е што ќе може да ја остварат само со конзилијарен преглед на Клиника без потреба претходно да бидат хоспитализирани.

- Направивме детална сеопфатна комуникација со сите релевантни специјалисти, болници, клиники кои даваат препораки или вршат специјализирана медицинска рехабилитација. Особено битна беше нашата комуникација и со здруженијата на пациенти кои ни дадоа свои предлози што можеме да прошириме како право. Пред да го доставиме Правилникот до Управниот одбор на Фондот воведовме јавна расправа за него и беше ставен три недели на нашата веб страница при што добивме добивме и неколку конструктивни предлози од јавноста, рече Парнарџиева Змејкова.

Истакна дека во Правилникот по барање на докторите првпат воведуваат и контраиндикации за специјализирана медицинска рехабилитација односно за кои болести и во која состојба не може лицето да оди на специјализирана медицинска рехабилитација по барање на стручната фела заради можни компликации.

Тоа се 11 контраиндикации меѓу кои се акутна инфективна болест, патолошка бременост, сенилна деменција, нестабилна ангина пекторис, неконтролирани аритмии на срцето, флеботромбоза на длабоки вени на нозе, компликации кои дополнително ќе го загрозат здравјето на осигурениците доколку одат на медицинска рехабилитација.

- Овие новини се нови права за околу 500 осигуреници на годишно ниво. Досега специјализирана медицинска рехабилитација користеа 2.000 лица, а со ова од 1 септември се зголемува бројот на осигуреници кои ќе ја користат оваа здравствена услуга на 2.500, посочи директорката на Фондот и додаде дека на осигурените лица со рехабилитацијата се обезбедува постапка на физикална терапија (кинези терапија, електротерапија, хидротерапија, терапија со термоминерална вода, термотерапија, фототерапија и примена на ултразвук), како и постојан стручен надзор од медицински лица.

Со инвестирање од страна на Фондот во специјализираната медицинска рехабилитација се овозможуваме осигурениците побрзо да ги отстранат функционалните пречки и да ја подобрат својата здравствена состојба.

- Во контакт со осигурениците сфативме дека одредени новини кои ги имаме воведено пред две години се уште сите осигуреници не ги знаат. Во таа насока, уште една напомена за родителите чии деца имаат целебрална парализа. Овозможивме за овие деца до тригодишна возраст да одат на специјализирана рехабилитација четири пати во годината, а над три години да можат ова право да го остварат двапати во годината, додаде Парнарџиева Змејкова. 

11.08.2014 - 12:53
Фото: 
канал5
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега