На 21 август втор уписен рок за средно образование

Вториот уписен рок во јавните средни училишта, за осмоодделенците кои не се запишаа на двете пријавуња во јуни, е на 21 август. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени наредниот ден, на огласните табли во училиштата.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска на прес-конференција соопшти дека во вториот, августовски рок, има вкупно 20.089 слободни места. Од нив, 13.347 се за настава на македонски јазик, 5.969 на албански, 739 на турски и 34 на српски наставен јазик.

Според видот на образованието, во гимназиите има 5.127 места (3.260 на македонски, 1.576 на албански, 257 на турски и 34 на српски јазик).

Во средните стручни училишта вкупно се слободни 14.818 места (9.981 за македонски наставен јазик, 4.355 за албански и 482 за турски јазик).

Во уметничкото образование слободни се 107 места - 69 за настава на македонски јазик и 38 за албански наставен јазик. Во Спортската академија се слободни 37 места.

- Во сите општини  во Република Македонија има слободни места за запишување на ученици во вториот уписен рок. Апелирам до сите осмоодделенци да изберат стручно образование, бидејќи се поголем број компании бараат добро оспособен и технички едуциран кадар, кој може да одговори на предизвикот на брзиот развој на технологијата, рече Адеми.

Министерот соопшти и дека без проблеми и според планираното денеска се одвивало полагањето на првиот екстерен предмет на државната матура во августовскиот испитен рок.

Пријавени за полагање беа 3.647 ученици од завршните години од средните училишта кои од оправдани причини не полагале државна матура во јунскиот испитен рок или не положиле некој од предметите. 

11.08.2014 - 14:49
Фото: 
а1.он
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега