Каде одат на одмор лидерите на политичките партии во Македонија

Пет дена во Бодрум, пет дена во Фетије. Премиерот Груевски заедно со сопругата и ќерките и оваа година летува во Турција, информираат од неговиот кабинет.

„Премиерот Никола Груевски со своето семејство се наоѓа на летен одмор во Република Турција, на покана на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, а во времетраење од 10 дена, почнувајќи од 9 август. Одморот ќе го помине на две места, едното во близина на

Бодрум, другото во близина на Фетије, по половина од времето.“ - стои во соопштението испратено од Илинденска.

За разлика од Груевски, социјалдемократите кријат каде летувал нивниот лидер Заев. Партискиот портпарол за Сител вели дека и тој и Шеќеринска во моментов се во Скопје, но немаше информации, дали претходно биле летниот одмор. Сепак, повеќе медиуми веќе објавија дека Заев и оваа година, летувал кај јужниот сосед.

Молк владее и во кабинетот на лидерот на либералдемократите и градоначлник на Центар, Андреј Жерновски. Тој на почетокот на летото на Facebook најпрво испраќаше поздрави од светското првенство во Бразил за подоцна, неговите соработници да објаснат дека се шегувал и да информираат дека заедно со семејството темниот тен го заработувал на грчките плажи.

Одмор не му треба на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели за Сител шефот на неговиот кабинет Артан Груби.

„Ахмети се уште не се заморил за да се одмара. Не оди на одмор никаде и продолжува со работа“ - напишал Артан Груби во СМС пораката.

На одмор нема да оди ниту градоначлникот на Карпош Стевчо Јакимовски, велат од негоата партија. Лидерот на ГРОМ, според неговиот портарол имал многу обврски околу организацијата на Карпошовото културно лето кое почнува во петок и морал да остане во Скопје. 

Од почетокот на месецов на колективен одмор се и сите македонски пратеници, но до информациите кој каде летува, тешко се доаѓа.

За разлика од Македонија, во САД, таквите информации не се кријат. Белата куќа пред неколку дена објави дека од 9 август, Обама 16 дена ќе летува на имот во Масачусец вреден 12 милиони долари. 

12.08.2014 - 18:11
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега