Вечерва ќе има трагедија, ќе видите: Детали за убиството во Вевчани

 

Вевчанецот З.С., кој вчеравечер уби двајца и рани уште двајца соселани неколку часа претходно го најавил крвавиот настан, но никој не го сфатил сериозно бидејќи бил под дејство на алкохол, пренесува Вечер.

- Можеше сите да на испотепа. Останавме неповредени бидејќи бевме од неговата лева страна, а во таа рака држеше метална палка, изјавил соговорникот за Вечер.

Тој потврдил и дека сопственикот на локалот "Пјаца“, Владо П., не му должел пари на З.С. и дека, напротив, го издржувал и му помагал.

- Рани куче да те лае, што да ви кажам. Каков долг какви глупости. Да не беше Владо тој ќе умреше од глад, додал тој.

Осомничниот за убиството работел како поштар во селото и отсекогаш важел за проблематичен и избувлив човек. Тој често знаел да се напие и да се заканува, но никој не го сфаќал сериозно. Пред дваесетина години украл пари, па затоа побегнал од селото и дваесет години живеел во Хрватска. Во Вевчани се вратил пред две години. Оттогаш не работел ништо и цело време се расправал со соселаните. Владо бил еден од ретките што му помагале. Неколку месеци наназад тој тврдел дека Владо му должел пари и му ги барал. Често и јавно се заканувал дека ќе го убие ако не му ги врати парите, но соселаните мислеле дека тоа биле само празни закани.

- Дојде и почна да вика и да се заканува. Пијан беше, па затоа никој не му возврати ништо. Одмолчевме, а тој си замина, раскажал сведокот.

З.С. отишол во пензионерскиот дом каде на неколку соселани им кажал дека вечерта ќе го убие Владо, но за жал и тие мислеле дека тоа е уште една закана во низата, па ниту реагирале ниту му кажала на Владо.

„Вечерва ќе има трагедија, ќе видите“, им рекол осомничениот на соселаните.

Околу 21 часот се вратил пред локалот "Пјаца" вооружен со палка во едната и пиштол во другата рака. Попески и неговите пријатели сфатиле дека ќе има проблем дури откако го виделе репетираниот пиштол во неговата рака. Тие останале на масата и продолжиле да го игнорираат. Меѓутоа тој замавнал со палката и тогаш неколкумина срипале и се обиделе да му ја земат и да го разоружаат. За жал не биле доволно брзи, па тој го испразнил шаржерот во нив.

- Како низ магла се сеќавам. Дојде со палка и пиштол. Се стаписавме кога го видовме пиштолот. Продолжи да вика и да пцуе. Ние молчевме. Тогаш замавна со палката и не знам кој точно стана за да се одбрани и да му ја земе. Станаа уште неколкумина и тогаш одекнаа истрелите. Пукаше од непосредна близина еден, два метри, без да гледа во кого. Владо не ни стана од столчето, раскажува вевчанецот, се уште во шок од преживеаното.

Од истрелите на З.С. ранети биле и И.П. и Г.К. кои се хоспитализирани во струшката болница.

14.08.2014 - 12:50
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега