Зголемен бројот на вработени - намален бројот на вработени со скратено работно време
Значителен пад на пријавување работници со скратено работно време, односно трансформација во редовен работен однос е постигнато со последните активности на Министерството за труд и социјална политика и Управата за јавни приходи, забележаа првите луѓе на овие институции, Спиро Ристовски и Горан Трајковски.
Директорот на Управата за јавни приходи Трајкоски денеска на прес-конференција информираше дека минатата година кај 9.281 работодавач со 83.659 вработени имало 20.260 со скратено работно време или 24,5 отсто, заклучно со вчера бројот на работодавачи кои имаат работници со скратено работно време е намален 8.468 компании.
- Бројот на вработени е зголемен од 83.659 на 88.436, а бројот на вработени со скратено работно време од 20.260 е паднат на 16.671. Се работи за 6,5 проценти за намалување на вработени кои се пријавуваат со скратено работно време, појасни Трајковски.
Тој нагласи дека најголем број вработени со скратено работно време има во трговијата на мало, дејности за подготовка на оброци и служење на храна и оти тие се целни групи на посебна следење.
Од 599 извршени инспекциски надзори на Државниот инспекторат за труд кај работодавачи кои имаат вработено 4.505 работници со скратено работно време, кај 116 работодавачи констатирани се неправилности со неводење или неправилно водење на евиденција за работното време на работниците, работниците вработени со скратено работно време да работат подолго од договореното или не се евидентира и не се исплатува прекувремената работа, информира министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
- Врз основа на констатираните неправилности донесени се решенија со кои се задолжуваат работодавачите да ги отстранат утврдените недостатоци и неправилности. При повторните контроли констатирано е дека на 1.254 работници кои работеле со скратено работно време, работниот однос им е трансформиран во работен однос со полно работно време, рече Ристовски.
За констатирани прекршувања на законот, односно неотстранување на утврдени недостатоци, против 14 работодавачи се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка. За прекршоците работа подолго од скратеното работно време и подолго од полното работно време предвидена е глоба од 2.000 до 3.000 за правното лице и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице.
Ресорниот министер се осврна и на проблемот со прекршувања на Законот за минимална плата, односно неисплаќањето на минималниот износ. - Неофицијалните сознанија говорат дека во приватниот сектор работниците даваат овластувања на своите работодавачи да ја повлечат исплатената плата и потоа на вработениот да му исплатат пониска плата од законски утврдениот износ. За оваа непопуларна појава, сеуште нема доставени дојави/пријави до Инспекоратот за труд, истакна Ристовски.
Ги повика вработените кои се нашле или доколку се најдат во ваква ситуација, да пријават до Државниот инспекторат за труд – електронски преку интернет страницата, телефонски на броеви 15 131 и 15 505, или поштенски, а инспекцијата ќе постапи согласно законските прописи.
- Секоја пријава е од голема полза и за самите работници и за нас како институции на системот кои работат во функција на заштита на работничките права. Ние ќе постапуваме при секоја пријава, согласно законската регулатива во Република Македонија, нагласи Ристовски.
За непочитување на Законот за минимална плата предвидени се глоби од 6.000 до 7.000 илјади евра за работодавач, ако на работникот не му исплати минимална плата и од 3.000 до 4.000 илјади евра за одговорното лице.
МИА
ФОТО: Денешен.мк