Јанакиески: Нема продолжување на рокот за легализација на чамци
Рокот за поднесување барања за легализација на чамци истекува на 3 септември. Сопствениците на пловни објекти кои немаат поднесено барање до судот, да го направат тоа во предвиднеиот рок, бидејќи пролонгирање нема да има, нагласи денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој денеска ја посети Капетанијата на пристаништата во Охрид.
Досега, според него, поднесени се 137 барања од кои 55 се веќе прегледани и за нив деновиве се очекува да излезат решенија, а 17 се веќе легализирани.
- Барањата се едноставни - се доставува изјава, каде имателот на чамец покажува дека е сопственик на тоа возило и одговара под морална и кривична одогворност и формулар каде со штиклирање треба да означи каков е чамецот, за што се потребни не повеќе од пет минути. Треба да уплати 480 денари судска такса за поднесување на барањето и кога ќе го подигне решението треба да плати уште 480 денари. Вкупниот трошок за легализација на чамец изнесува 960 денари, појасни Јанакиески.
Постапката, нагласи тој, е многу едноставна и не е скапа. Капетанијата, додаде Јанакиески, дополнително ќе контактира со лицата што нема да достават барања ќе ги повика да го направат тоа во законски предвидениот рок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа